На денешен ден: Почина Момчило Петровски – Моцо

На денешен ден, 24.06.2014 година починал академскиот сликар Момчило Петровски – Моцо.

Роден бил 1936 година во Куманово, а завршил Академија за применета уметност во Белград во 1962 година, додека специјализирал на истата Академија во 1964 година. Бил член на ДЛУМ од 1966 година. Работел во Скопје на Факултетот за ликовни уметности, кадешто бил декан два мандати, а еден мандат продекан.

Тој ги искажувал ликовните можности на новиот материјал „брестал“, пред се во сликарството и графиката и со тоа ги промовирал ненасетените, исклучителни квалитети на тој материјал во ликовна функција.

Неговите дела на сликарството, графиката и пластиката во техниката на „брестал“, ги пројавуваат сите предности на овој материјал. Материјалот чија прва состојка е бречата од вулканското подрачје помеѓу Куманово, Кратово и Злетово, претставува предмет на научно-истражувачки проект на Факултетот за ликовни уметности уште во 1988 година, а во неговото дефинирање, заедно со Моцо учествуваа и Петар Хаџи Бошков, Анастас Арнаудовски и Б. Варлакова.

Низ целата негова творечка биографија се оцртува и ангажманот на уметник меѓу археолози, историчари на уметност и конзерватори.

Kолористичките ефекти, благородноста на материјата, рељефното искажување, тактилните особини низ материјализацијата, префинетите графички нијанси, тоа е дело на ликовната имагинација и заложба на Момчило Петровски – Моцо.

Тие го покажуваат неговото долго истражување на ликовниот говор на авторот кој што е епски, синтетичен, исполнет со архаични симболи и желба за монументални облици.
Во текот на неговиот живот има добиено многу награди и признанија.

Негови познати изведени дела се:

Белград, Коларчев Универзитет, витраж, 500х250 см;

Загреб, Х.Т.В., таписерија, 300х150 см; 1989,

Белград, мозаик, подарок од СР Македонија на град Белград, по повод одржувањето на Самитот на неврзаните земји; 1990,

Скопје, мозаик над порталот на црквата Св. Јован Крстител.

 

Извор: Национална галерија на Македонија

You May Also Like