Верувам во тоа дека, доколку вложиш труд и искрено се посветиш во работењето, успехот е неминовен. Викендов, во Младинскиот културен центар, присуствував на промоцијата на новата песна и спотот на младиот хип хоп артист Daz Flow. Тој заедно со поп рок артистот Марко Милановиќ, го промовираа делото созданено од нивната заедничка соработка, песната „Само једном“.
Иако скромно, самиот настан беше беспрекорно организиран. Во присуство на стотина гости, имав можност да проследам што сработиле.
На почетокот, додека салата од киното Фросина се полнеше, атмосферата ја загреваше DJ Drazzy Drags. Имавме интересна и симпатична најава, присутните два пати го погледнаа видео остварувањето. Спотот во целост ја доловува приказната и прави секој оној кој ќе го погледне да се осети цела таа потресна сторија.
По презентацијата на видео – ШОК. Настап во живо, кој во целост го засени видеото. Не дека видеото беше слабо, едноставно настапот во живо беше генијален. Стефан Пехчевски, Марко Милановиќ, Daz Flow, заедно со Goran Papazz на сакс, владееја со сцената. По настапот во живо, присутните со стоечки аплауз ги поздравија артистите.
Убеден сум и верувам дека песната ќе наиде да добар одзив помеѓу слушателската публика и дека ова е само почеток на две успешни кариери.
Еве што по промоцијата изјавија дел од директни учесници на настанот:
Стефан Пехчевски (музика и аранжман):
Соработката со Даз Флоу и Марко излезе пред се чисто од другарство. Се појави идеја да они двајца ги спојат стиловите хип хоп и поп-рок и јас испаднав во пресрет да ја направам песната и на живиот настап во кино Фросина да ја отсвириме. Малку беше тешко да се спојат овие два вида на музика, но еве изнајдовме некоја средина, интересен ритам и испадна песната Само Једном.
Горан Папаз (саксофон):
Промоцијата беше супер. Јас и Даз сме добри другарчиња, соработуваме веќе година дена и настапот на промоцијата испадна чисто спонтано, не беше ништо посебно планирано долго време, меѓутоа помина одлично и мислам дека луѓето беа задоволни. Требаше да отсвириме повеќе песни, но сепак се сконцентриравме само на промоцијата на спотот и изведбата на Само Једном. Како што велат луѓето „Ем кратко, ем слатко“!
Даз Флоу (хип хоп артист):
Организацијата на спотот беше страшно голема и напорна. Среќен сум што спотот е најдобро направен и добро го прифатија луѓето на самата промоција во кино Фросина, како и тие што ги следат интернет порталите т.е. Youtube. Ова е најдобар спот што ми излегол мене и супер сингл. Целата продукција на песната е на Стефан Пехчевски, комплетно авторските права се негови, текстовите се наши, а видео записот го направи Сергеј Ѓеоргиев во соработка со некои луѓе од ЕСРА. А спотот се снимаше во хотел Квинс, има локација на гробиштата во Ченто, во Ново Лисиче и во студиото во ЕСРА.
Марко Милановиќ (вокал):
Јас имав еден трагичен случај во Србија, изгубив една драга личност , моја другарка Сања Ивановиќ која почина од конзумирање дрога, а и Дарко имал слична случка со еден негов другар и едноставно сето тоа ни се поклопи, не спои за да ја направиме оваа песна.Пред се емоциите се исти. Се надевам дека оваа песна ќе биде добар хит , но ќе видиме бидејќи луѓето се тие што ќе одлучат што е најдобро. Нас пред се со овој спот ни е многу важно што дадовме еден нов вид на гледање на животот. Луѓето не треба да живеат еден ден, да земаат дрога и да се уништуваат бидејќи сето тоа може да ги чини со одземање на животот. Пораката е убава и се надевам дека на луѓето ќе им се допадне и ќе бидат воодушевени.
Текст: Александар Ристевски
Изјави: Христина Панева
Фото: Тони Арсовски