Цврст метал звук во МКЦ

Норвешкиот метал-состав „Горгорот“, полскиот „Вејдер“ и италијанскиот „Адимирон“  утре вечер (вторник, 6 декември 2011 година) ќе го „окупираат“ Скопје.

Високодецибелниот концерт ќе се одржи во Младинскиот културен центар, каде што приврзаниците на овој музички правец ќе може неколку часа да уживаат во моќните метал-звуци.

Овој концерт е дел од промотивната турнеја на „Горгорот“, наречена како и нивниот нов албум „The sign of the hell“ (знакот на пеколот), а „Вејдер“ и „Адимирон“ им се поддршка на целото европско патешествие.

Картите за овој настан ќе се продаваат по цена од 600 денари, додека пак на денот на одржувањето на концертот тие ќе чинат 700 денари. Влезниците може да се купат во кафе-барот „Браво“ во трговскиот центар „Буњаковец“, потоа во „Адишн“ на улицата Македонија, како и во продавницата „Импакт“ на улицата „Ленинова“.

Почетоците на групата „Горгорот“ се во 1992 година, како дел од тогаш новата генерација шведски блекметал-состави. Во текот на овие години групата претрпе голем број персонални промени, а досега низ „Горгорот“ поминале вкупно 25 музичари. Но само еден од нив е постојан член, гитаристот што се потпишува како Инфернус, кој всушност е идејниот творец на бендот.

„Вејдер“, пак, и е добро познат бенд на домашната публика, која веќе го има видено во Скопје. И тие се „лути“ момци, кои никогаш не се плашат преку музиката јавно да го искажат својот став. Италијанците, пак, ќе им дадат одлична поддршка на своите истомисленици „Горгорот“ и на „Вејдер“.

You May Also Like