Алек Попов: Историјата ја изеде културата

Во литературните кругови се’ е толку сериозно, тешко и драматично. Таму е неприфатливо човек да се смее. Во Бугарија книгите со хумор многу поретко добиваат награди.

Хуморот и сатирата не се меѓу најсаканите жанрови на уметничките комисии – вели познатиот бугарски писател Алек Попов, годинашен лауреат на интернационалниот книжевен фестивал „Про-за Балкан“ што започнува започнува утре (недела, 19 мај) и трае до 21 мај.

Алек Попов е меѓу најчитаните и најпреведувани бугарски автори на денешнината. Неговата книга „Мисија Лондон“ е преведена на 16 јазици, а од критиката е прогласена за најсмешна книга во современата бугарска литература, толку смешна, што на крајот плачете. Книгата стана уште популарна кога според неа во 2010 година беше снимен истоимениот филм, во кој како копродуцент се јавува токму Македонија. Неговиот трет роман „Сестри Палавееви“ е повторно на линијата на хуморот и сатирата, но и провокацијата, затоа што го преиспитува славното народно-ослободително минато на социјалистичките земји. Попов, заедно со Делајна Манева е еден од сценаристите на ситком серијата „Преспав“, а годинава е добитник на преситжната награда „Прозарт“ на фестивалот „Про-за Балкан“. Пред самиот фестивал, со Попов зборувавме за теми како литература, култура, минато, историја и меѓусоседски односи, не заборавајќи на поп-културата и нејзиното значење за Балканот.

Додека ја пишувавте можевте ли да го предвидите успехот на „Мисија Лондон“?

  • И да и не. Книгата не беше планирана, но се случи така да не можам да не ја напишам. Постојат такви пистаелски императиви, што не може да ги заобиколиш без да си го промениш уверувањето. Всушност, сметав дека темата е многу актуелна, но она што не можев да го предвидам е дека е толку многу актуелна, па дури и денес. Можеби романот доловил нешто архетипско за карактерот и однесувањето на Бугарите, на балканските луѓе , што е многу специфично. Факт е дека некои работи што се опишани во романот постојано се повторуваат низ животот и се постојан извор на скандали и конфузија. Кога ќе се случи нешто такво, некакви скандали на меѓународен план, на новинарите веднаш им текнува на „Мисија Лондон“ и ме бараат за коментар. Тоа малку и ми здосади.

Што ја прави книгата универзална, темата, начинот на кој е напишана или хуморот?

  • Нема рецепт за тоа. Понекогаш и најлокалните теми можат да станат универзални ако разоткриваат нешто важно, поврзано со човечката природа. Но сепак мислам дека најважно од се’ е добрата приказна. А која приказна е добра? Онаа што луѓето сакаат да ја прочитаат до крај. Оттука започнува се’.

Колку е важен хуморот за уметноста?

  • За мене хуморот не е цел сам по себе. Тој е светоглед и начин на воспримање на реалноста. Јас едноставно имам око за апсурдот и не се плашам да пишувам за тоа. За жал во денешно време иронијата и хуморот се препознавани и оценувани пред се’ од читателите. А можеби секогаш било така? Во литературните кругови се’ е толку сериозно, тешко и драматично. Таму е неприфатливо човек да се смее. Во Бугарија книгите со хумор многу поретко добиваат награди. Хуморот и сатирата не се меѓу најсаканите жанрови на уметничките комисии. Но, вистината е дека не постои поголемо искуство доколку нема барем мала искра и доза на хумор, макар и црн. Јас барем не можам да се сетам на такво нешто.

Како влијаеше филмот на читаноста на книгата?

  • Нормално дека имаше позитивен ефект, посебно што еден од сценаристите на филмот херојски се бореше да биде запазен сатиричниот дух на книгата. Но се уште има гледачи кои не сфатиле дека филмот е направен по книга. „А така ли? И книга имало? Колку интересно!“. Во таклви моменти чувтсвото за хумор е посебно полезно.

Во „Сестри Палавееви“ си поигрувате и со историјата, дали е тоа начин за поглед отстрана, повторно низ хумор? Дали е начин за ревидирање на историјата?

  • Романот за сестри Палавееви е еден сложен творечки експеримент што уште трае. Имам чувство дека рецепцијата на овој производ ќе се менува со текот на времето. Тој поход кон историјата е многу необичен за нашите простори, затоа што односот кон минатото секогаш бил гледан низ призмата на трагизмот, посебно бидејќи се однесува на Втората светска војна, фашизмот, комунизмот и Студената војна, кои пак оставиле длабоки трауми и поделба во нашето општество, но и во цела Европа. Многу луѓе сметаат дека со такви нешта не треба да се шегуваме. За мене пак е еден од начините да се оттргнеме од стапицата на минатото. За многу од читателите овој роман има терапевтска моќ. Тој е изградено на база на големи научни истражувања за епохата и оттука има важна едукативна нишка, посебно за помладите кои претходно не знаеле многу за овие случувања и немале некој посебен однос кон минатото. Тематски и жанровски приказната што ја раскажувам има допирни точки со култовите на партизанските филмови, но нема за цел да и’ служи на некоја идеологија, туку на реалното и објективно осмислување на историјата. Ова е обид да ги надминеме траумите од минатото и тоа низ апсурд, иронија и хумор и да се ослободиме од товарот на митовите. Второто продолжение на романот се однесува на целиот Балкан, со ликови од различни националности, алузии на Тито, што пак му дава и епски размери. Но за ова ќе зборувам кога ќе излезе книгата.

Иако сме соседни земји, многу малку знаеме за културните случувања во Бугарија. Што мислите на што се должи таа незаинтересираност за културата на комшијата?

  • Можеби од многу историја не ни останува време? Историјата ја изеде културата. Целата енергија ни оди на тоа да го делиме и преиспитуваме минатото, а она што се случува во дадениов миг, останува во заден план. Со историјата не се излегува на крај! Потонеш ли во неа, нема излегување. Тоа е бездна полна со скелети и призраци. Културата, како и историјата, не е една и целосна. Таа е создадена од луѓе и токму тие треба да бидат во центарот на нашиот интерес, а не апстрактни идеологеми. Човечката природа е многу богата и сложена и токму таа може да ни даде клуч за разбирање на многу ситуации. Разбирањето на една култура секогаш оди по линијата на интерес за некој автор или творба, а не по општа линија. Културите комуницираат преку луѓето. И токму во тој однос може да се родат чудесни нешта: книги, филм, претстави, посебно кога станува збор за толку блиски култиури. Убеден сум дека најинтересното доправа ни претстои. И тоа ќе се случи преку креативните луѓе на Балканот, преку меѓународен дијалог, а не преку затворање во тесните рамки на националното. Одличен пример за тоа е фестивалот „Про-за Балкан“.

Кажете ни нешто за искуството како косценарист во популарната серија „Преспав“…

  • За волја на вистината јас многу се колебав дали да се вклучам во тој проект, но Пеце Талевски е многу убедлив и упорен продуцент. Во проектот учествувам во коавторство со Делајна Манева, со која работев и на „Мисија Лондо“. Ние двајца сме љубители на ситкомот и сакавме да работиме нешто конкретно. Така се наредија коцките. Потоа, сфативме дека „Преспав“ е уникатен интеркултурен проект и веднаш го засакавме. Да се напише една добра епизода не е воопшто едноставно како што изгледа отстрана. Воспоставивме одлични релации со македонските сценаристи Сашо Кокаланов и Елеонора Велинова, кои се во серијата од самиот почеток, како и со македонските актери кои се исклучително талентирани и важно е дека не претстануваат да се развиваат. Би кажал дека „Преспав“ е една исклучителна балканска креативна лабораторија, модел за соработка и коавторство, наспроти предрасудите и стереотипите. Во него учествуваат Македонци, Бугари, Роми, Албанци, најверојатно ќе се вклопат и Срби. Да се работи во една таква мултикултурна средина е многу интересно, човек постојано учи нешто ново за себе и за другите, се уриваат јазичните бариери и се развива дух на толерантност. Верувам дека од таа лабораторија ќе се развијат и родат уште многу интересни нешта. За мене поп-културата е многу моќна и може да биде обединувачка нишка за Балканот, но и за цела Европа. Кон неа треба да се однесуваме со почит. Таа е интегрален дел од културата воопшто.

Ја следите ли македонската литературна сцена, што би издвоиле од неа?

  • Ја следам уште од времето кога бев активен во бугарскиот ПЕН центар. Имам многу пријатели меѓу македонските автори, издавачи и преведувачи, а постојано запознавам и нови. Не би сакал да издвојувам имиња, бидејќи знам колку се чувствителни творците, а човек во вакви прилики секогаш испушта некого. Посебно сум среќен што по работата на „Преспав“ полесно го разбирам македонскиот литературен јазик и можам во оригинал да ги читам делата на моите талентирани колеги.

Александра Јуруковска

You May Also Like