Старовски, Ортодокс Келтс и ракотворби на „Локум Фест“

Вечер (сабота, 21 јули) фестивалот кој ја негува музиката и традицијата на Широк Сокак и во Старата чаршија во Битола продолжува со два концерта и изложба на ракотворби и старини.

Во 21:00 часот е настапот на групата „ Старовски бенд“  од Македонија, а во 22:30 часот е настапот на групата „ Ортодокс Келтс“ од Србија.

Во меѓувреме битолчани и минувачите низ Широк Сокак и Старата битолска чаршија, во рамките на годинашниот „Локум фест“ може да проследат изложба на старини, како и изложба на ракотворби на ЗУР Македонски ракотворби.
—————————–

Старовски (Starowski) е бенд кој постои две години, има настапувано на повеќе фестивали во Македонија и пошироко, а е составен од хармоника, ут, перкусии и два вокала. Старовски го сочинуваат: Верица Недеска – вокал, Верица Андреевска Спасовиќ – вокал, перкусии, Дејан Спасовиќ – ут, кемане, тамбура, Јордан Костов – хармоника и Круме Стефановски – перкусии, вокал. Покрај постојаните членови, на албумот гостуваат и Марие Петров, Зоран Павлоски, Оливер Јосифовски и Бошко Мангаровски.
Нивниот албум „Прашинка љубов“ според многумина е првата македонска музичко-поетска читанка, инспирирана од поезијата на големите македонски поети Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Ацо Шопов, Блаже Конески и Константин Миладинов.
——————————-

Ортодокс Келтс (Orthodox Celts) е формиран во 1992 година и повеќе од 20 години е единствениот бенд што ја негува ирската музика во Источна Европа. Во исто време тие се и една од највлијателните рок групи на српската музичка сцена, идол на многу млади музичари и групи. Orthodox Celts настапувале на повеќе концерти низ Балканот, како и во земјите во Европа.

You May Also Like