Мултимедијален хепенинг на Охридско лето

Во Центарот за култура синоќа (недела) со посебен мултимедијален настан беа одбележани деновите на Универзитетот за аудио визуелни уметности ЕСРА во склоп на програмата на Охридско лето.

Концепциски се работи за настан кој е реткост во Охрид, а целта е анимирање на публиката со повеќе различни содржини. Публиката беше исклучително задоволна од понудениот мултимедијален спој т. е од сето она што го имаа сработено студентите на ЕСРА. Најпрво беше презентирана книгата „Детето во мене“ од авторот Љубе Цветаноски, професор на факултетот.

„Секој од нас го носи детето во себе. Во книгата пишувам за мојата прва љубов, радост, болка, и пред се во неа е вткаена философијата на Платон дека животот е сеќавање“ – ќе рече Цветаноски.

Презентацијата на фотографии дополнително ги воодушеви љубителите на убавата уметност кои уживаа и во краткометражните филмови инаку дипломски трудови на студентите.

Атмосферата беше зачинета со посебно музичко доживување на гудачкиот квартет Зографски, а јагодката на врвот на тортата имаа можност да ја вкусат сите љубители на театарската уметност за кои беше резервирана претставата „Љубовникот“ во режија на студенткатa Ирина Стериовска, а по текст на Харолд Пинтер.

„Претставата која е наш дипломски труд ја рабпотевме со студентите, идни актери Анкица Бенинова и Теоман Максуд околу еден месец. Во неа е разработена тематиката на бракот во современи услови, поконкретно како мажот и жената си поставуваат самите пречки и не можат да ја одржат кохезијата на бракот како институција и заедница.“ – рече режисерката Стериовска.

„Мора да признаеме дека навистина ни се допадна темата веднаш штом ни ја предложи режисерката и уживавме додека ја приготвувавме. Денес навистина е тешко да се одржи љубовта која првично ги поврзала мажот и жената да стапат во брак. Мислам дека на публиката и се допдна темата и уживаа во нашата изведба што навистина не радува“ – изјавија Анкица Бенинова и Теоман Максуд, актери во претставата.

Студентите на ЕСРА докажаа дека ументоста не познава граници. Напротив таа е толку длабока за оние кои искрено сакаат да размислуваат и да откриваат нови неоткриени простори.

Ивана Чичоска

You May Also Like