Најава за возбудлив Џез Фестивал Кавадарци 2012

Од 24-26 август во манастирскиот комплекс Св. Никола во селото Ваташа ќе се одржи 3-от Џез Фестивал Кавадарци 2012.

Првата вечер во 21:00 часот ќе ја отвори триото „Ѓорги Шаревски”  во состав Ѓорги Шаревки (гитара), Оливер Јосифовски (контрабас), Александар Петров (тапани) заедно со еден од најпознатите европски саксафонисти, италијанецот Франческо Беарцати. Потоа ќе настапи бендот на Васил Хаџиманов во состав Пеџа Милутинович (тапани), Мирослав Товирач (бас) Бранко Тријич (гитара) и Бојан Ивкович (перкусии).

Втората џез вечер ќе биде сплет на танц, музика и поезија со познатата француска тромбонистка Мари  Петров, реномираниот басист Петар Херберт од Австрија, австриската пејачка и перкусионистка Арабел Карајан и познатата француска танц дива Маргот Д’орлеанс.

Вечерта ќе кулминира со настапот на фантастичното “Bace, Trio, Quartet, Quintet” и нивната отворена и неограничена музика. Бендот, во состав Александар Петров (перкусии), Васил Хаџиманов (пијано),  Теодосиј Спасов (кавал) Петар Херберт (контрабас) и Газменд Бериша (виолина),  не’ кани во еден поинаков акустичен свет во кој се мешаат пишаната музика и импровизацијата.

Почетокот на третата вечер ќе го обележи настапот на двајцата контрабасисти Петар Херберт и Ѓорги Дончев. Петар Херберт е познат австриски басист и композитор.

Џез вечерта ќе продолжи со настапот на „Marie Petrov Quaretet” во чиј состав се Мари Петров (тромбон, вокал), Александар Петров (перкусии), Васил Хаџиманов (пијано) и Александар Икономов (контрабас).

Влезот за џез фестивалот ќе биде бесплатен и за прв пат ќе има организиран автобуски превоз од Скопје, Охрид, Битола и Прилеп.

Џез фестивалот е во организација на здружението „ Air of Art” , а под покровителство на градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов.

You May Also Like