Овој викенд (25 и 26 октомври), членови на Сојузот на композиторите на Македонија и Македонската асоцијација за електроакустична музика (МЕМА) ќе ја посетат Холандија, каде во соработка со Универзитетот од Утрехт и студиото STEIM од Амстердам ќе реализираат серија концерти на електроакустична музика на кои ќе бидат претставени дела од македонски и холандски композитори.
Домаќин на првиот креативниот „судир“ на двете култури ќе биде STEIM – студиото за електро-инструментална музика кое е независен електронски музички центар во Амстердам посветен на живи изведби на електронска и електроакустична музика.
Уметничките и техничките оддели на STEIM поддржуваат цела меѓународна заедница на изведувачи, музичари и визуелни уметници да развијат уникатни инструменти за својата работа. STEIM предводи и интересна програма на резиденти каде на уметниците им се овозможени сите услови за да креираат. Повеќе информации за дејностите на овој центар може да добиете на следниот линк.
На концертите во Амстердам и Утрехт ќе учествуваат и двајца членови на Ансамблот за современа музика “ConTempora”: Катерина Бачевска (флејта) и Нинослав Димов (саксофон). На програмата се делата “Zither Smither” на Александра Поповска и Sjoerd Leij, “Controcorrente” на Иван Пенов, “Blagoveshtenije 07.04” на Роберт Саздов и “Sabda Vidya No.2” на Мирослав Спасов, а од холандските автори со свои композиции ќе бидат застапени Marcel Wierckx, Hans Timmermans и Gerjan Piksen.
Проектот е финансиран од Министерството за култура на Р. Македонија.