Македонски гитарист Влатко Стефановски на 1 август ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид.
Тој ќе настапи со гостите и негови пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија. Посетителите ќе можат да го слушнат неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“.
Стефановски вели дека еден од мотивите за организирање на овој концерт е за да се спротивстави на „тоа се и сешто што доаѓа и што настапува токму овој датум“.
– И би сакал да ја имаме таа среќа да влеземе во празникот, 2 Август-Илинден, заедно со последните нумери од концертот, рече Срефановски.
Владимир Мандичевски-Манде од Баги комуникации кои се организатори на концертот изјави дека во Охрид ќе има концерт по трите фантастични и успешни концерти на Стефановски во Скопје.
– Она што можеме да ви ветиме дека ќе биде добар, можеби уште подобар од тие три концерти бидејќи имаме и гостин од Грција, рече Манда.
Организаторот најави дека на концертот ќе присуствува и првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек.
Почетокот на концертот е од 22 часот.