Вечер (четврток, 5 јули) во 21 часот на платото пред Домот на АРМ ќе биде изведен музичкиот проект SYNTETIC OPERA. Групата Air Strings, составот Вокали и гостите Весна Гиновска Илкова и Ѓоко Таневски се соединуваат во проектот SYNTHETIC OPERA кој има за цел презентирање на најпознатите и легендарни рок и поп хитови.
Приказната започнува со Air Strings кои користат класични инструменти и невообичаени техники на музицирање, продолжува со составот Вокали кои изведуваат композиции од богатата македонска вокална ризница негувајќи го првенствено А-капела стилот.
Во рамките на овој настан ќе настапи и оперската дива Весна Гиновска Илкова, прв сопран на сцената на Македонската Опера и Балет, како и популарниот пејач Ѓоко Танески.
Во 20 часот во Магаза, ќе се одржи трибина со наслов „Поглед од страна“, по што ќе следува и проекција на филм. Организатори на овој настан се НВО ЗГ “СЕМАК”- Битола со специјален гостин АГТИС – Прилеп.
Настанот предвидува проекција на документарната музејска емисија од проектот “Училиштата во музеите или музеите во училиштата” на Завод и Музеј – Прилеп. Воведничар на трибината е Александар Цветкоски од Завод и Музеј – Прилеп (Кустос на Музеј за тутун – Прилеп и Кустос на одделение за социјална и духовна култура, Креатор на Закон за култура со наслов “Индикативна културна стратегија”).
Методот кој оваа трибина го користи е “погледот од страна”, односно како другите не’ гледаат (тн.Fishbowl или видлив фронт на една манифестација или на еден предмет).
Филмот е школска и музејска методологија како децата да ги научиме да размислуваат поинаку од нас. Се работи и за начините на кои ќе може да се развива културниот туризам и како да се искористат локалните ресурси, приказни, знаења.