Унифицирани тезги за продажба на книги во Центар

Коце Трајановски, Градоначалникот на Град Скопје,  заедно со Никола Груевски, Премиерот на Република Македонија, денес на Плоштадот „Македонија“, ги промовираше првите 11 унифицирани стилски тезги, наменети за продажба на книги и на печатени публикации.

– Град Скопје, со цел да ги збогати содржините на најфреквентните места во центарот на градот, постави 11 стилски тезги што соодветствуваат со амбиентот во којшто ќе бидат и поставени, а со единствена намера да им понудат на минувачите полесен пристап до омилените книжевни наслови како и да ги задоволат литературните вкусови на граѓаните на Скопје. На овој начин, Град Скопје ќе им излезе во пресрет и на Издавачките куќи за поедноставна промоција и приближување до читателите, како и на физичките лица коишто веќе подолго време бараа соодветен простор за пласман на голем број македонски и странски ретки книги и публикации. На овој начин се надевам дека книгите ќе бидат навистина близу до скопјани, рече градоначалникот Трајановски.

Единаесетте тезги се наменети исклучиво за книги и за печатени публикации. Градот  им ги додели на седум физички и четири правни лица, кои ги исполнија пропишаните критериуми, од неодамна распишаниот конкурс. Четирите правни лица се: издавачка куќа „ТРИ“, издавачка куќа „Ѓурѓа“, издавачка куќа „Табернакул“ и издавачка куќа „Дијалог“, коишто на тезгите ќе им понудат дел од своите печатени публикации.

Тезгите ќе бидат лоцирани во централно градско подрачје, на улица Македонија и Плоштадот „Македонија“. Една од тезгите се наоѓа пред старата кафеана Пелистер, друга во близина на кафе барот Тренд, пред бутиците Мона и Тера Нова, пред продавницата на Краш , пред тревникот кај македонски телекомуникации и уште четири поставени по должината на улица Македонија, почнувајќи од Спомен куќата на Мајка Тереза, па се до Хотелот Бристол пред Музејот на град Скопје.

You May Also Like