Родољуб Анастасов го донираше своето творештво на МГС

Во Музејот на град Скопје, вчера вечер градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорката на Музејот на град Скопје, Љубица Кондијанова и академскиот сликар Родољуб Анастасов, потпишаа договор за донација на 389 дела од доајенот на современото македонско сликарство, што ќе останат во трајна сопственост на Музејот на град Скопје.

– Чест ми е и задоволство, што присуствувам на ваков редок настан, на потпишување на договорот за донација на дела од еден од најголемите македонски сликари, Родољуб Анастасов. Ова е голем момент и за Скопје, но и за Република Македонија воопшто. Се надевам дека многу брзо ќе успееме да го оформиме галерискиот простор кадешто ќе стојат неговите дела, а таа постојана поставка ќе можат да ја видат сите вљубеници во ликовната уметност и почитувачи на делото на Анастасов. Сигурен сум дека неговиот денешен гест и неговиот животен опус ќе остават траен белег во македонската уметност, потенцираше Трајановски.

Предмет на овој договор е Донација на дела( цртежи, акварели, пастели како и дела работени во комбинирана техника и масло на платно) од целокупното творештво на Родољуб Анастасов, работени од 1957 до 2010 година.

За процесот на зреење на идејата за една ваква донација на МГС, вчера вечер  (29 јуни 2011 година), говореше господинот Коста Балабанов, близок пријател на авторот.

– Најнапред формиравме фондација, но тоа не можеше во целост да одговори на желбата на Анастасов, да ги подари на Македонија сите дела што се во негова сопственост. Тој реши да ги подари делата на една од најстручните музејски институции, чиј персонал најпрофесионално ќе се грижи за овој грандиозен уметнички опус. Веќе едно извесно време Родољуб Анастасов го подготвува и својот тестамент во кој стои дека се што се наоѓа во неговиот дом, по неговата смрт ќе му припадне на Музејот на град Скопје, рече Балбанов.

По повод овој вреден легат од донаторот Родољуб Анастасов, Музејот на град Скопје во соработка со Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, прави напор да се изнајдат материјални средства за адаптација на просторот за поскоро оформување на Галерија која ќе го носи неговото име.

You May Also Like