Италијанскиот виртуоз на гитара Едоардо Катемарио во Света Софија

Концерт на познатиот италијански виртуоз на гитара, Едоардо Катемарио, кој ќе настапи на фестивалот Охридско лето на 27 јули (среда). Концертот ќе се одржи во црквата Света Софија со почеток во 21:00 часот.

Истакнатиот италијански гитарист и педагог Едоардо Катемарио се вбројува во најзначајните светски солисти на овој инструмент. За неговата кариера придонесоа успесите на националните и меѓународните натпревари меѓу кои – и победата на престижниот натпревар „Андрес Сеговија“ во Гранада.

Неговиот репертоар е исклучително богат и разновиден: романтичарските дела кои ги свири на оригиналните инструменти, па барокните, па музиката на ХХ-от век, авангардните дела и најновите композиции пишувани специјално за него и посветени нему кои премиерно ги изведува. Покрај делата за соло гитара, Катемарио го има скоро целосно камерниот репертоар и 42 концерта за гитара и оркестарот. Гитаристот настапува на концертните и фестивалски подиуми во европските земји, Америка, Австралија, соработувајќи со реномираните оркестри и диригенти, како и со солисти и камерни состави.

Катемарио остварил бројни снимки за познатите продуцентски куќи DECCA Records, ARTS Music и EMI за кои добил бројни награди од критичарите и музичките магазини. Одржува бројни семинари и мастер класи низ свет, а од 2007 година е гостин професор на Кралската академија на музиката во Лондон. Поседува инструменти од познатите мајстори на шпанската школа за гитари.

Концертот ќе се одржи на 27-ми јули (среда) во црквата Света Софија во Охрид, со почеток во 21:00 часот.

____________________________________________

Критики од странски медиуми:

„Овој виртуоз мајсторки ги изведува и најсложените концерти на лесен и грациозен начин, како да ужива во една летна прошетка низ Тоскана“

„Едоардо Катемарио е гудачки виртуоз …фасцинантна музика за романтична ноќ“

„Едоардо Катемарио е, без сомнение, извонреден гитарист. Неговата импресивна техника, збогатена со неговиот префинет сензибилитет, го сместуваат меѓу најголемите изведувачи на неговото време. Катемарио ги издигна техничките можности на гитарата до највисок степен на виртуозност и музичка експресија. Неговиот неверојатно интелигентен пристап и сензибилитет кон музиката од сите епохи го прави уметник кој не познава граници, уникатен.“

„Овој млад маестро се поставува себе си под знакот на виртуозноста и светлото …Катемарио свири со топла звучност и моќен звук …Медитеранска душа.“

You May Also Like