Веднаш по завршувањето на одличниот концерт на Суперхикс , имавме можност ексклузивно за вас да поразговараме со фронтменот на легендарните Суперхикс – Пеце (нз. Петар Младеновски) . И покрај тоа што беше преморен од енергичниот настап, а и ние после толку играње и пеење, сепак ни одговори на неколку поставени прашања.

Ви го презентираме снимениот разговор кој ќе имате можност да го слушнете и во најновото издание на Мак топ ритам на Студент ФМ 92.9 , во четврток со почеток од 16 часот.
– Која е магијата што ве држи во постоење цели 17 години како Суперхикс?
Пеце: Со овој бенд имало и лоши моменти, имало и недоразбирања, караници, моменти кога сме биле на работ да престанеме да работиме, меѓутоа и покрај се секогаш сме доаѓале до еден и единствен заклучок, а тоа е дека бендов треба да постои, прави добра музика, премногу позитивни вибрации кружат во овој бенд, премногу добри мисли и премногу добри луѓе се дел од овој бенд и биле дел од него, па затоа е и навистина жално да престанеме со работа. А на крајот на краиштата и се она што се случува околу нас, целиот тој шунд, кич и неквалитет е уште поголем мотив да продолжиме понатаму.
– По повод вашиот 17 роденден организиравте „интимен“ концерт за околу 2000 посетители. Зошто се одлучивте за токму ваков концерт, а не Метрополис арена или слично?
Пеце: Ова беше само еден тест за она што следува наредната година, а тоа ќе биде уште поголем и поспектакуларен концерт со сите оние луѓе со кои сме соработувале од регионот , звучни имиња во браншата на рокенролот, хип хопот и така натаму. Сакаме да ги викнеме сите наши драги пријатели и сите поранешни членови, а ги има многу. Тие што беа во Метрополис арена 2004 година паметат како сето тоа изгледаше и истото сакаме да го повториме. Тогаш ќе го прославиме и полнолетството на овој бенд и ќе биде уште по лудо и поорганизирано.
– Ве видовме на сцената во Универзална сала на Скопје 2011 каде имавте уште еден одличен настап . Зошто Суперхикс не се пријавуваат на овој фестивал, дали поради тоа што нема добра организација и недостаток на добри песни или?
Пеце: Во врска со оваа манифестација и јас а и бендот имаме кажано две работи. Прво ќе одиме на Евровизија ако навистина не побараат да одиме и да инсистираат за тоа и секако да бидеме единствени на тој конкурс каде од десет наши песни ќе се одбере една. А второ, не се гледаме воопшто во таа бранша, затоа и сами не се пријавуваме се додека некој не инсистира за Суперхикс.
– Што следно да очекуваме од Суперхикс после овој концерт?
Пеце: Дефинитивно, многу работи ќе се случуваат. Допрва земаме залет, го спремаме новиот материјал, ќе има ДВД од овој концерт кој го снимаше Алфа телевизија , за полнолетството ќе излезе компилација ДВД на кое ќе се најдат и овој концерт, новиот албум, првиот документарец за десетгодишнината на бендот како и новиот документарец по повод полнолетството. Ќе има многу нови работи кои треба да ги очекувате.
Интервју: Христина Панева
Фото: Тони Арсовски