Започна „Скопско лето 2011“

Вчера вечер, во Музејот на современа уметност , со групната изложба насловена како „Балканска трилогија – Сакај го или остави го“ (LOVE IT OR LEAVE IT) и Гала оперскиот концерт на Македонската опера и балет,  официјално почна  32-то “Скопско лето 2011“. Оваа традиционална културна манифестација за отворена ја прогласи градоначалникот на Град Скопје,  Коце Трајановски.


– Изминативе повеќе од три децении, со изборот на локации организаторот Дирекцијата за култура и уметност го презентира Скопје како урбана средина со богата традиција и историја, и секако како центар со интензивна понуда, достоен за посета и од најпребирливите трагачи по културниот туризам. Скопското кале, Старата скопска чаршија, Старата железничка станица, Скопските маала се само дел од локациите кои во летните квечерини прераснуваат во култни места со нов лик и нова функција, транформирајќи се во храмови на уметноста и културните вредности. Вечерва посебно би сакал да го издвојам напорот на господин Рене Блок да го презентира балканскиот ликовен простор со сето свое богатство и хетерогеност, со што го разбива митот за Балканот како монолитен културен простор. Балканската трилогија е дело кое обединува 158 уметници од балканските простори, од кои на нашата изложба насловена „Бендисај го или батали го„ презентирани се 30-тина уметници со забележлив бекграунд, што особено радува, на групата македонски сликари, рече, на вчерашното отворање, градоначалникот Трајановски.

Овогодинешното „Скопско лето 2011“, ќе понуди седумдесетина програмски термини со повеќе од 80 различни проекти, а најголем дел од програмата припаѓа на музиката (концерти на народна музика, етно, поп музика, блуз, џез, класична музика). Повеќе од 10 театарски претстави со ансамблите на скопските театри, театрите од Македонија и театри од Русија, Турција, Бугарија, од кои 2 домашни премиери, ликовни изложби и изложби на фотографии на кои ќе се претстават повеќе од 40 домашни и странски автори,  мултимедијални проекти и перформанси се дел од програмата на ова издание на „Скопско лето“.

Во рамките на манифестацијата ќе бидат реализирани и веќе традиционалните програмски единици како што е филмска програма, којашто, годинава ќе се одвива во три дела: 1) во рамките на “Кафе киното”, 2) омаж на творештвото на доајени на македонската филмска уметност и 3) врвни светски наслови од областа на краткометражниот и документарен филм.

Бројот на учесници во вкупната програма ќе се движи околу 2.500, покрај домашните уметници од Скопје и Република Македонија, ќе учествуваат од дваесеттина земји, од соседството, Балканот, Европа и целиот свет. Скопско лето и оваа година ќе биде културна манифестација што ќе се одржува на многу скопски локации како: улицата Македонија, Плоштадот Македонија, платото пред домот на АРМ, кејот на Вардар, Старата Чаршија со Даут пашин амам, Чифте амам, Сули ан, Куршумли ан, Забавниот парк “Луна”, но и салоните на мултимедијалниот центар Мала станица, Музејот на град Скопје, Културно информативниот центар, Националната галерија на Македонија, Музејот на современа уметност, Македонската опера и балет, Драмски театар, Македонски народен театар и уште многу други.

Скопско лето и оваа година ќе ги вкрсти, најголемите и најпознати домашни културни институции (како Македонската Опера и Балет, Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, Театарот за деца и младинци од Скопје, Народниот театар од Штип, Народниот театар од Битола, Музејот на современа уметност, Националната галерија на Македонија, Музејот на град Скопје, Ансамблот “Танец”, Друштвото на ликовните уметници на Македонија,  Музичката младина на Македонија), како и врвни поединци, но и младите уметници кои зачекоруваат на сцената, оние на кои им припаѓа иднината, оние кои утре ќе бидат нашата гордост.

Вечер, (среда, 22 јуни 2011 година) во 20:30 часот во Културно информативниот центар, во рамките на „Скопско лето 2011“, ќе биде отворена изложба на фотографии „Убавината ја живееме“ од Љупчо Илиевски, а во Драмскиот театар Скопје, во 21:00 часот ќе се одигра театарската претстава „Олово на перница“, работена по текст на Венко Андоновски, во режија на Димче Николовски, во копродукција на ДТЦ и СУП Продукција.

На кејот на Вардар во 20:30 часот ќе биде отворен и 32-от Меѓународен студентски фолклорен фестивал, ќе настапат АКУД „Мирче Ацев“, а  фестивалот ќе биде затворен на 25 јуни со концертни  настапи на локалитет Три Круши, во населбата Драчево.

Утре вечер (четврток, 23 јуни 2011 година) во 20:30 часот, во Салонот на ДЛУМ во Домот на Армијата во Скопје, ќе биде отворена изложба на слики од Трајче Чатмов, насловена како „Патување на умот“, а во Драмскиот театар – Скопје, во 21:00 часот, ќе биде изведена претставата „Крвта не е вода“ на текст на Сашо Кокаланов, во режија на Сашо Миленковски, а во копродукција на ДТС и Дневник.

You May Also Like