За ингениозноста на власта која го убива сопствениот народ

Не постои по расипана, по погана власт од актуелната, која на ингиниозен начин распродаде сѐ што можеше да се распродаде, како Македонија да е гранапче. Сега ни воведува нова инквизиторска цензура.

Впрочем, таа и така се однесуваат, уште првиот момент, откако ги продаде македонските интереси. Ни го продаде името со Преспанскиот договор, а сега и национален идентитет, јазик, со Француско – бугарскиот договор, со кој се бара од нас Македонците самите да се откажеме од себе си, да се откажеме од Македонија и Македонците по светот, да се откажеме од македонската историја, така што лесно не продаваат на новиот бугарски фашизам. Бидејќи ако нам, би рекле на Македонците кои застанаа на страната на Македонија и на македонските интереси, на кои битен им е националиот идентитет, јазик, националните историски личности, односно сѐ она што е Македонија, на гробарите и предавниците веќе од далеку се гледа дека не им значи ништо што е поврзано со македонскиот идентитет…
Сега тие истите (се мисли на гробарите и предавниците) од нас бараат да се откажеме и од македонскиот јазик, за така полесно да не протнат во прегратките на Бугарија, која ни го толкува јазикот како бугарски дијалект.
Иако, македонисти, професори, лектори, научници бараат повлекување на унилатералната изјава за македонски јазик, констатирајќи дека во изјавата недостигаат вистински научни факти за јазикот, Советот за македонски јазик од 6-мина останува глув на сите повици на Македонците да не се уништува и погребува македонскиот јазик. А пак од таму, ни продаваат секакви приказни само да го релативизираат процесот на бугаризација на македонскиот јазик, помогнат токму од членовите на Советот за македонски јазик, кој е составен од Људмил Спасов, од директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска, од Елизабета Бандиловска, од Виолета Јанушева, од Лидија Аризановска, од Снежана Велковска, од Елизабета Кузмановска, (новинарка), од Симон Саздов, и од Искра Пановска-Димкова. Јас не знам како ќе им погледнат во очи во иднина и на македонските граѓани, но и на своите студенти, кои со сегашните професорски постапки, ги подучуваат студентите да не си го сакаат македонскиот јазик, и како од еден автохтон јазик, лесно можат да се прави дијалект на бугарскиот, туѓ и окупаторски јазик.
Скоро над 7.000 подржувачи застанаат во одбрана на македонскиот јазик и на македонската книжевност, како и повеќето доктори на македонски јазик и македонска книжевност, но и институциите: Институт за македонска литература, заедно со директорката Наташа Аврамовска, Институт за македонски јазик заедно со директорката Елена Јованова-Грујовска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ и деканката Анета Дупчевска, заедно со раководителката на Катедрата за македонски јазик Искра Пановска-Димкова, потоа Катедрата за македонски јазик и книжевност при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип заедно со раководителката Ана Витанова-Рингачева, воедно тука се и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура заедно со директорката Весна Мојсова – Чепишевска, па од Македонскиот славистички комитет, заедно со претседателката Емилија Црвенковска, како и МАНУ, заедно со Катица Ќулавкова и претседателот Љупчо Коцарев. Зарем сите овие инстутуции не се битни за Советот за македонски јазик, што би се рекло, уништувачите на македонскиот јазик. Од сето ова се гледа дека политиката длбоко вмешала прсти, а Советот, само им помага полесно да го разнебитат јазикот, како што ја разнебитија државата.
Замислете над 7.000 подржувачи, македонисти и научници, кои се против злоупотребата на македонскиот јазик, наспроти 9-мина советодавци, од кои двајцата се пензионери и една новинарка, и притоа 3-ца советодавците од Советот за македонски јазик се против Унилатералната изјава, и тоа директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска, и двајца од Катедрата за македонски јазик, а едната од нив е раководителката на Катедрата за македонски јазик Искра Пановска-Димкова не им се есапи гласот, знаењето и научните достигнувања што ги имаат зад себе, останува фактот дека само 6-мина одлучуваат за нашиот единствен македонски јазик подржувајќи ја таа Унилатерална изјава… Срам и резил….
Сега тие шестемина што останаа, со присилба и со указ на власта бараат да се откажеме од македонскиот јазик, темелејќи ја својата приказна само на 1945 година.
Ова нивно барање претставено од титулираните советодавци, кои работаат во прегратките на Власта, (најверојатно за добра пара) апла може да се види дека има огрома желба да го закопаат македонскиот јазик.
Верувајте тажно е што овие титулирани гробари бараат од сите нас да го заборавиме македонскиот јазик пред 1945 година, обидувајќи се да ни наметнат приказна за откажување од него.
Токму тие бараат од нас да го заборавиме галичанецот Ѓорѓија Пулевски, кој уште пред Мисирков е автор на првата печатена македонска граматика, како и автор на првите речници на македонски јазик, но и да го заборавиме „Четиријазичникот“ од 1873 година, кој е пишуван на охридски дијалект.
Зарем, овие титулирани умници бараат од нас да се откажеме, или да ги заборавиме просветителите Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Партенија Зографски кои се појавуваат кон почетокот на 19-от век.
Овие, титулирани советодавци платени со парите на народот да им го погребаат македонскиот јазик, од нас бараат да се откажеме и од македонската преродба, од македонскиот романтизам од средината на 19-от век, односно од браќата Миладиновци кои своите песни ги пишуваат на народен струшки говор, од Рајко Жинзифов кој пишувал на велешки говор, од Григор Прличев, кој пишувал на охридски говор, значи од овие кои пишувале на својот дијалект, на својот локален говор. А замислете, таткото на Људмил Спасов, докторирал на Рајко Жинзифов.
Оние што останаат во Советот за македонски јазик бараат од нас да се откажеме и од собирачите на народните умотворби Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и други.
Значи ли тоа, а според тие титулирани умници да го заборавиме и Војдан Поп Георгиев Черодрински, кој е роден во селото Селци, Дебарско, кој е основоположник на македонското драмско творештво и театар, кој пишувал пред 1945 година.
Исто така, се разбира според нив, треба ли да го заборавиме Јордан Хаџи Константинов – Џинот, кој покрај тоа што е просветител е прв македонски драмски писател, кој уште 1838 година ја започнува реализацијата за воведување на народен македонски јазик во училиштата.
Значи ли тоа дека според членовите на Советот за македонски јазик, со потпишувањето на Унилатералната изјава треба ли да ги заборавиме Лозарите, кои беа припадници на Младата македонска книжевна дружина што го издавала списанието „Лоза“. А тоа биле Петар Поп Арсов, Гоце Делчев, Даме Груев, Горче Петров, Христо Матов, Иван Хаџи Николов, Ѓорѓи Баласчев, и многу други од тој период. Кои ја продолжија македонистичката заложба на Ѓорѓија Пулевски, за посебноста на македонскиот литературен јазик. Токму Лозарите се претходници на Мисирков.
Според нив, треба ли да го заборавиме Коста Солев Рацин, кој се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, затоа што неговата стихозбирка „Бели мугри“ излегува во Загреб во 1939 година.
Исто така, треба ли да го заборавиме Коле Неделковски, кој во 1941 година ја објавува збирката песни „Пеш по светот“, а пишувал на велешки дијалект, на велешки говор.
Треба ли навистина со присилба да ги заборавиме Никола Јонков Вапцаров, Антон Панов, Венко Марковски кои пишуваат и пред 1945 година.
Да се надеваме дека титулираните советодавни умици, а посебно Људмил Спасов, кој докторирал на преодноста на глаголите, пример: „магарето го умре човекот“, предавал Историја на македонскиот јазик, и згора на сѐ се кажува наследник на Блаже Конески (а Конески сега се превртува во гробот), најверојатно знаат дека по напуштањето на црковнословенскиот јазик или старо македонскиот, започнува да се користи и во тогашната литература македонскиот народен говор, што се толкува како нова македонска книжевност, и го користат охридскиот, струшкиот, велешкиот, галичкиот, прилепскиот, битолскиот и тетовскиот говор.
Невидена разочараност е во очите на студентите од своите професори, бидејќи ни нудат смрт на македонскиот јазик, оти ќе треба да го заборавиме и дојранецот Ѓорѓи Абаџиев, кој пишувал и пред 1945 година и бил дел од Македонскиот литературен кружок со Вапцаров, Панов, Марковски, Рацин, Неделковски. Кој впрочем и го пишува сценариото за филмот „Мис Стон“.
Значи, меморијата треба да им се избрише на Македонците, затоа што од нас се бара да го заборавиме и Ацо Шопов, кој е еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата прва збирка песни, насловена како „Песни“ ја објавува 1944 година во слободна Македонија, кој притоа беше и партизан, кој се бореше против бугарскиот фашистички окупатор.
Ете, според тоа што ни се нуди треба да заборавиме сѐ што е македонска литература пред 1945 година, знаејќи дека првата фаза од македонската литература го опфаќа периодот од 1944 до 1950 година.
Сето ова е страшно разочарувачки и погубно за македонскиот јазик, за македонската литература, оти се сака да се сокрие и извитопери целата вистина.

Доцент, Зоран Пејковски

You May Also Like