Во изминатите неколку години во неколку наврати јавно зборував и пишував на тема Универзална. Објект кој е вон функција повеќе од осум години, симболот на пост земјотресно Скопје, објект донација на триесетина земји во светот, објект кој не потсетува на Златна Бубамара, 12 Величествени, Скопскиот фестивал, Златно Славејче, Скопскиот Џез фестивал, бројни театарски претстави, концерти, митинзи и што ли уште не.
Имам впечаток дека изминатите години сите сакаат некако да се вклучат, тие да бидат запаметени по нешто, и се‘ е „верглање“ во место, а објектот е руина.
Советот на Град Скопје донесе одлука објектот да се предаде на министерството за култура, за да го изгради. Топката е кај градоначалничката Арсовска. Да видиме дали сите страни ќе знаат да бидат конструктивни и продуктивни.
Канчевска Милевска сакаше да гради гломазен јајцевиден конгресен центар, кој е добра идеја, ама за на друга локација. Коце Трајановски имаше идејно решение за реконструкција и проширување, кое го планираше за трет мандат, но не се реализираше. Во време на Трифун Костовски и Пенов се зборуваше на оваа тема, и на тоа остана. Шилегов го смени мислењето пет пати, и за намената на објектот и за локацијата, и на крајот почна да го прави ова полу решение во очи на кампањата, па по поразот негов, а победата на Данела Арсовска, ја добивме оваа статус кво ситуација.
Јас повторно ќе го актуелизирам мојот став и ќе речам дека цврсто стојам за истиот како најдобро решение.
Универзална како дел од колективната свест на Скопје и скопјани, треба да се изгради од ново, комплет нова, на истото место. Да наликува на оригиналниот објект, да биде модерна, современа, енергетски ефикасна, по можност и да ја искористи локацијата и кровот, па преку кровот и сонцето и да продуцира сопствена струја. Под објектот да се изгради подземна гаража на две нивоа. Објектот не мора ни да се зголемува, ниту да се контаминира и така малиот слободен простор меѓу зградите каде се наоѓа.
Токму таков, мал, скоцкан, среден, со 1500 седишта, со средено плато пред објектот, и со 100тина паркинг места, е токму тоа што во моментов му недостасува на градот.
За понатаму, Скопје треба да добие уште еден репрезентативен објект, со попратни објекти и сала од 3000 – 4000 гледачи. Истата може да се гради некаде околу Борис Трајковски, или пак во Аеродром, но Универзална треба да остане со автентичен изглед, а сепак модерна и функционална.
Ако Министерство за култура само продолжи да го довршува со тие два милиони, ова несреќно решение кое тргна да се тера во време на Шилегов, ќе се направи грешка. Во моментов, не е битно кој ќе гради, битно е нештата да мрднат од место. Арсовска од кога го прекина градењето на тоа остана, година и пол мртвило по ова прашање.
Би ги замолил сите оние кои се надлежни да не си играат со чувствата на народот и да прават импровизации и крпеници. Ниту да трошат време. Доколку се сака, и сите зборуваат со „отворени карти“, се ќе оди многу брзо. Доста импровизирање. Не е битно ни кој ќе потпише, ни кој ќе гради, ни кој летата ќе ја сечи. И сам сум бил дел од историјата на некои институции, се случувале промени, па одредени структури ангажманите ги маргинализирале и сатанизирале, ама чувството кога ќе видите дека нешто се направило, нешто се изградило и останало, е преубаво и тоа никој не може да ви го одземе.
Бидете големи. Направете ја Универзална како што треба. Кој сака нека ја гради, кој сака нека ја потпише, отвори, исече лента.
Да бидеш политичар значи да имаш визија и да размислуваш широко и далекосежно, и да знаеш да преговараш и правиш компромиси, во корист на народот, на државата.
Направете ја Универзална. Што е можно по бргу, но што е можно подобро.
Александар Ристевски
Извор: курир.мк