Велигден! Прашав едно петгодишно детенце дали знае зошто се слави Велигден. Тоа ми рече: „Знам! За да се кршиме со јајца!“ Неговото незнаење барем му доликува. Верувам дека ваков одговор од него нема да добијам по 2-3 години.
Но, по овогодишниот Велигден, уште повеќе сум уверена во фактот дека луѓето всушност забораваат зошто се слави Велигден. Која е причината, што всушност славиме, зошто одиме во црква.
Во автобус, пред некој ден, поточно денот после Велика Сабота, слушнав човек како се јавува на телефон, веројатно на свои роднини, и им вели: „Христос се роди.“ Добро де, се збунил човекот. Поинтересен ми беше фактот што никој од другата страна на линијата како да не ја забележа замената на глаголот во реченицата, па разговорот продолжи да си тече најнормално. На верските празници како овој, нели, треба да се воздржуваме од гревови. Си помислив, овој сигурно е поголем грешник од луѓето кои не постат пред Велигден. Му го збрка животниот тек на Христос.
А зошто всушност постат луѓето денес? Знаат ли зошто се пости? Ској што само ќе го напише зборот „пост“ со македонска поддршка на Гугл, може да открие зошто, како и кога се пости. Во изминативе неколку дена пред Велигден ги прашав истото сите луѓе за кои знам дека постат и мнозинството имаа сличен одговор, кој се сведува на изјавата дека сакаат да си го прочистат организмот, а оние со подиректни одговори ми одговорија и дека едноставно сакаат малку да ослабат. „Беше ова долга зима, качивме по некое килце, па сега да го симнеме. Секако по Велика Сабота, пак ќе имаме полна трпеза на која нема да можеме да и одолееме“.
Не сум религиозна личност и, како и сите други, не сум информирана за многу работи во врска со религиозните празници од овој тип. Па затоа, го направив баш она што им го предложив погоре на сите како мене, откуцав „пост“ на Гугл, и почнав да читам. Барем кога пишувам на оваа тема, да си знам некои работи.
„ …Се пости во деновите кои вселенската Црква ги има определено за пост, а не во деновите кога нам ни е по волја… Значи, не се пости своеволно, што од своја страна би претставувало некој вид на диета или магија.“
Да знаете, сите оние кои постите на секои две-три недели, дека доколку не признавате дека сакате да држите диета, тогаш тоа значи дека сте обземени од магија.
А дали, оние кои веќе се определиле за велигденскиот пост и успешно се водат по него, исто така го земаат во предвид и духовниот пост? И дали е можно во денешново општество успешно да се изврши и тој духовен пост? Мислам дека јас, лично, не би можела.
„ …Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели…“
Низ глава ми мине последната седмица пред велигденските празници. Да, сега веќе сум сигурна дека не би можела да го издржам правилно и духовниот пост.
Покајание и плач? Не знам на што точно би требало тоа да се однесува. Обично не жалам за работите што ги правам. А зошто би размислувала за нешто што и онака не може да се поправи, за потоа да се расплачам? И зар така ќе ми стане подобро? Молитва? Пред да одам на автобуска станица, на Велики Петок, во себе си помислив: „Те молам, Боже, да пуштиле повеќе автобуси, за да можам да стасам дома во догледно време.“ Но, ништо од тоа. Мораше да купам билет и да „дремам“ на автобуската станица најмалку два саати. Смирение и трпение? Стрпливо го дочекав часот кога требаше да ми стаса автобусот и да си тргнам кон дома. Се приближив кон перонот, а таму чичкото од автобусот, кој очигледно и тој не пости, барем не духовно, се развика дека сите што патуваат на пократки релации ќе мораат да го чекаат следниот автобус од истата компанија. Ни криви, ни должни.
И, да не должам многу, си чекавме… И си чекавме… Смирено и стрпливо… За на крајот да го дочекаме и легендарниот автобус. Едвај не сместија сите затоа што, некој од шалтерите очигледно исто така го прекршил постот и лажел дека има уште слободни места во автобусот, па само си продавал карти до недоглед.
Кога стасав дома, веќе немаше ни трага од мојата љубов и милост, барем за персоналот на автобуската станица.
И така, мојот духовен пост пропадна. Ми остана само да одам во црква на Велика Сабота, да се изборам за место бидејќи наеднаш се појавија толку многу верници на кои овој празник им е единствениот ден кога одат во црква (тука некаде спаѓам и јас), да се кршам со јајца на полноќ и на мое разочарување веднаш да бидам елиминирана и… да се истепам да излезам од гужвата.
Автор: Ана Чочкова