Никола Ристевски: Добар ден Македонијо, среќна ли си денес?

Добар ден Македонијо, среќна ли си денес? Веројатно повеќето од оние кои ќе го прочитаат текстов, се на слично мнение – важно е да сме живи, колку што се може здрави, па другото ќе биде. Сè во свое време, а пред нас ко да е најголемото невреме. Бура на сите нивоа, видливи и невидливи.

Можеби навистина и никогаш на човека не му се дава товар поголем од оној којшто би можел да го издржи. Можеби и сето ова е само најголемата темнина пред да се раздени и да нè огрее нашето сонце на слободата. Сигурно и секој од нас се раѓа на определено место со некаква причина. За жал, голем број од нашите познаници, соседи, пријатели и роднини ја напуштаат државата во потрага по подобар живот. Не дека таму – во белиот свет, секаде цветаат рози, туку никој не си отишол од арно. А многу арно – не е на арно. И, розите не се само за богатите.

По сите премрежја, сплетки, притисок, манипулации, лаги, измами, егзистенцијални борби, македонскиот народ покажа дека е трпелив, разумен и силен. Ех, таа пуста надеж. Сиромашна и задолжена Република Македонија, со граѓани од кои повеќето се богати, но не со материјални богатства, туку богати по дух. За оние другите – нека прават пресметки тие што се платени за истото – нека пресметаат колкав е малиот процент од Македонците коишто годишно заработуваат повеќе од поголемиот дел граѓани. Многу спрема малку. Епа, како што напишал Џорџ Орвел – сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од останатите. Полесно било камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во Царството Небесно.

Луѓе…како е еднина од луѓе? Луд сигурно не е. Човек за човека престана да биде човек. Брат брата не рани, ама тешко кој го нема. Ќе издржиме ли братски и сложно во бурата којашто ни претстои, или ќе оставиме да нè однесе виорот? Како Дороти во Волшебникот од Оз, дури и можеме да си го пуштиме кој било албум од Пинк Флојд за синхронизација на видеото коешто ни го проектираат пред нашите очи, само и само за да ни го затворат третото, и да не најдеме начин смирено да погледнеме преку четвртото – окото на душата. Веројатно Животни би бил најсоодветниот албум за синхронизација на случувањата коишто нè одвлекуваат од вистинската причина на нашето постоење – да бидеме современа човечка цивилизација, во секоја смисла на зборот.

Човек за човека престана да биде човек. Македонците се иселуваат, мака мачат со секојдневието, водат битки со ветерници, змејски се борат со ламјата која упорно сака да ни напакости, немаме еким за да нè излечи од опасните болести на новото време, а односот на наталитетот и морталитетот е уште една причина за скептичност и сомнеж за колективната иднина. Кога на тоа ќе го додадеме извитоперениот начин на делување на егрегорите, коишто буквално нè малтетираат две и пол децении, се добива ситуација во која за повеќето можеби и е безизлезна. Но, Македонците си го имаат Сонцето. И, ќе им изгрее зората на слободата. Само ако преживеат. Опстанокот ни е кодиран во гените, колку ли само генерации низ милениуми на овие простори успеале да преживеат различни анексии, окупации, асимилации, напади, истребувања. Но, оваа генерација се бори не само со надворешниот непријател, туку и со една ламја која упорно сака да ни го земе бериќетот.

Доаѓа времето кога поголемиот број од граѓаните веќе јасно разбираат дека колективното однесување по урнек на било која од големите сили и навидум „модерните“ современи општества, само нè оттргнува од можноста да дочекаме мирен и достоинствен живот таму каде што истиот ни е даден – во Република Македонија. Спознавањето на сопствениот генетски код, традиции, начин на преживување и живот на предците, капацитетот кој го имаме како генерација, силата којашто вака или онака нè зачувала да постоиме со милениуми, се случува. Иако бурата доаѓа, ништо нема да може да го спречи Македонецот на патот до зачувување на суверенитетот, припадноста, идентитетот и сопствената држава. Иако е трнлив, ќе се исчисти плевелот сосе трњата, и полето за културната борба ќе си го врати сјајот.

Старите велат, ламјата доаѓала да ни го уништи или земе бериќетот, а секој синор си имал свој змеј којшто го чува бериќетот на луѓето кои живеат таму. Кога имало бура на небото, ламјата кркала ќотек од змејот. Македонците гинеле во борбата за слобода, но сега гинат во борбата за егзистенција. А, змејот ко да е налутен понекогаш, затоа што некои од овдешните ѝ се додворуваат и ја окуражуваат ламјата. Битката е на земјата, времето во коешто живееме е со апокалиптични карактеристики, а ние на број сме малку, но доволно. Сонцето нè грее и повеќе од она што сме го заслужиле, водата под нас чека да си ги навадиме посевите, само прво да ја извадиме на површината, полето чека да го негуваме дрвото коешто е со длабоки корења и едвај издржува во невремето, па можеби и е пред нас периодот кога ќе го вкусиме плодот на самоспознавањето. Изгреј зора на слободата.

м-р Никола Ристевски
Дел од книгата „Имагинариум“

You May Also Like