На денешен ден: Починал Томо Владимирски

На денешен ден (14 септември) ненадејно починал нашиот познат сликар Томо Владимирски (Скопје, 26 август 1904 – Скопје, 14 септември 1971). Тој бил македонски сликар, сценограф, еден од основоположниците на модерното македонско сликарство.

Првите сликарски поуки ги добил од својот учител, зографот Димитар Андонов Папрадишки. Во 1935 година завршил академски курс во Белград, веќе во 1937година, специјализирал сликарство на Уметничката академија во Прага, кај професорот Јакоб Обровски.

За време на окупацијата, Владимирски бил активен во организирањето на културниот живот во градот Скопје и надвор од него. Во 1944 година, се вклучил во Агитроп на Главниот штаб на НОВ за Македонија. на 10.09.1944 година, во штотуку ослободениот Прилеп, се основа Здружението на македонските ликовни уметници. Владимирски бил активен и учествувал речиси на сите изложби. Остварил неколку студиски патувања, меѓу кои и во Париз, во 1957 година. Оттаму се вратил со многу импресии, доживувања и со голем број на цртежи и скици. Оттогаш се забележува извесно ослободување на стилскиот израз, како и инвентивност во потегот и бојата.

Работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје во периодот од 1939 до 1966 година. Имал ретроспектива во Скопје (МСУ, 1981). Стилски се поврзува со реалистичкиот и експресионистичкиот израз. Се одликува со разновидна тематска определеност: градски мотиви, мртва природа, портрети (Мотив од Прага,1937; Работник, 1940), а по војната, сликал историски содржини и мотиви од реките Вардар и Радика.

Во 1960 година ја приредил изложбата со крајбрежните Пејсажи од реката Вардар, со желба да го претстави “поднебјето на Скопје и неговата непосредна околина, да ги асоцира спомените имтимно поврзани за родниот град”.

Неговите дела се наоѓаат во многу музејски збирки, како во македонски приватни збирки, така и во странски.

Извор: Национална галерија

You May Also Like