Јане Теохаревски: Добив инспирација од поезијата на романскиот поет Александру Мачедонски

Разговор со историчарот на уметност Јане Теохаревски, поврзано со романскиот град Темишвар, град на европската култура 2023 и неговото учество на самата манифестација. Теохаревски долги години работи во сферата на средното образованието, а добар дел од својот работен век го продолжи и во Македонската радио телевизија. Сега своите пензионерски денови ги продолжува со активно творење, а учеството во Темишвар годинава е само дел од неговите актив ности, за кои се надевам ќе поразговараме и во некоја друга прилика.

Кoja е програмата и целиот концепт на она што ќе се случува во Темишвар 2023, еден од годинешните градови на културата?

  • По 2021 година, кога Темишвар заради епидемијата со Ковид 19 ја одложи програмата под логото `Освели го градот преку тебе `, конечно во февруари оваа година овој романски град со адекватна прослава, го одбележа патронатот на европски град на културата. Пред да одговорам директно на прашањето, дозволете неколку зборови за самиот град. Самиот слоган на манифестацијата е метафора која прави алузија на 1884 година кога, Темишвар ја гради првата електрична централа на стариот континент и станува прв европски град со перманентно осветлени улици. Регионот Банат во кој се наоѓа, за време на вековите наназад, формирал една широка културна палета, затоа што било, а и сега е, дом на голем број етникуми, покрај романското население: германци, унгарци, срби, хрвати, италијанци, шпанци, бугари, итн. Таквата широка палета е фокусот на валоризација на ова европско патување на Темишвар, нејзиното богатство, наследство, кое оставило значајни белези во општото нејзино битисување. Да ја спомнам 1771 година кога тука се печател првиот веснк на германски јазик во Централна и Јужно-источна Европа – Temeswarer Nachrichen. Тука е местото каде, се формирала првата библиотека, прва филмска проекција и, да не заборавам, слично како кај нас, градот има три државни таетри на различни јазици. Меѓу 1880 и 1914 година Темишвар бил најзначајниот град на регионот, ценет по неговите постигнувања, особено на полето на културата. За организаторите, столицата на европскиот град не е само настан, туку еден цел процес. Едно картографско и трансформирачко патување околу три главни територии. Под еден, Територија на луѓето, со која се прави обид да се ослободи човечката енергија, да се охрабри критичкото мислење и изразување, да се експонира и валоризира внатрешната светлина која како база, ја има заедничката хумана култура – древните обичаи, заборавените соништа, радостите и колективниот страв. Второ, Територијата на местата, затоа што градот означува една култура на заедништвото, солидарноста и разбирањето. Второ, Територијата на местата, затоа што градот означува една култура на заедништвото, слидарноста и разбирањето. Намерата е очигледно да се ревитализира јавниот простор (што впрочем, колку што сум информиран – го направиле сите досегашни градови на културата), транспарентност и екилибар околу урбаниот централен и периферен простор, со импликација на жителите, се разбира. И трето, Територијата на површината, која, ги обединува Граѓаните на Темишвар со тие на Европа и пошироко и, Местата. Со тоа градот е подготвен да подели искуства од регионалната и транснационалната димензија, со цел да се редефинира интернационалниот профил на Темишвар. И на крајот, за ива културно патување, секоја територорија има станици и патеки подготвени од локалните и интернационалните оператори.

Од вашиот одговор (сфатете го ова го ова во најпозитивна конотација), делува како да сте еден од организаторите или своевиден промотор на Темишвар 2023.

  • Тоа можеби е заради тоа што, без лажна скромност, ги следев речиси сите патешествија на луѓето кои учествувале и учествуваат во подготовка овој голем проект, како и настаните, скандалите и расправијата во самите организациски структури кои беа одредени да го конструираат `рбетот на организациската поставеност на овој годишен настан. Посебна приказна е финансиската битка за еден таков мега проект, покрај добиената (финансиска) поддршка која доаѓа со наградата `Meлина Меркури ` и која Темишвар ја добила заслужено… Да, го следев сето тоа главно заради мојата љубопитност и познавањето на романскиот јазик а изворот беа романските медиуми, главно пишувани. Можеби некој ќе ме консултира за организациони и програмски нешта кога и Скопје ќе ја добие оваа столица, кој знае, и ние сме кандидати, ха,ха…

Да поразговараме малку околу самиот проект со кој вие таму ќе учествувате…

  • Проектот претставува еден акционизам, улична поезија, и го именував `Без омраза и без граници`(се мисли на менталните граници), кој, неговата суштина сака да ја истакне метафората `Осветли го градот преку тебе`. Затоа што, една од валентноста на светлината исто така како метафора, се однесува на енергијата и креативноста на поединецот како дел од општеството и, кој може да ги развие нештата кон напред, кон подобро… За омразата која за жал, е една негативна појава на нашето време подолго време, е излишно да зборувам. Сепак, чинам дека сите ние ја чуваме скриена некаде длабоко во себе, некаде во ланци, некаде во раскош, а кога таа во одредени случаи ќе се ослободува без контрола, читаме во црните хроникво …Но, не сме доволно искрени да кажеме дека тоа чувство го криеме и за кое многу, многу ретко јавно признаваме дека живее (со) во нас. И затоа, бев воодушевен кога за тоа прочитав во две од поезиите на поетот Александру Мачедонски.

Како се роди идејата за овој проект?

  • Идејата за проектот се изроди кога, случајно го открив творештвото и неверојатниот животен пат на горделивиот романски поет Александру Мачедонски (1854-1920), татко на романскиот симболизам кој, своевремено бил жестоко потценуван и оцрнет од тогашното општество, поради неговиот пргав карактер и искрените дејанија. Имено, тој постојано бил во кавга со тогашните литературни творци-првенци и тогашниот естаблишмент. Преведувајќи дел од неговиот опус, наидов на песната` Омраза` , песна во која, на најдиректен начин, шокантно, ја изразил без пардон неговата омраза кон конкретни лица. Само неколку стихови: Кога би бил гром би ве треснал/ Би ве задавил кога би бил вода/…Кога би бил меч би ве забодел/…Би ве следел кога би бил куршум/ И би ве стасал/…И итн., со секакви закани. Но, подоцна, во песната `Мојот рондел`, тој укажува дека омразата не е решение за конфликтите и дека решенијата за недоразбирањата треба да се побарат во компромисот, простувањето и…љубовта. Многу актуелно, во нашето денешно битисување, полно со омраза! Еден пример од минатото кој ете, ќе биде решение и во денешницата и во иднината. Најдов и слични пишувања во македонската поезија и литература кои ги имплементирав во мојот акционизам (Ј.Стрезовски, Т.Петровски, П.Димовски и други).

Конкретен опис за акционизмот на терен. Што ќе се случува всушност?

  • Ајде да пробам вака: во квартот `Kaлеа Шагулуи` во Темишвар, токму на улицата која го носи името `Александру Мачедонски` , се појавува реинкарнираниот поет од Балканот (некој велат дека бил Македонец, некој, Србин, некој Влав, некој Романец но, тоа апсолутно не е битно), најавен од неговиот придружник со звуци на тапан и вувузела. Тој донесува светлина не само на македонски и романски јазик, туку и со интерпретацијата на бугарски, албански, српски, украински, руски, англиски, итн. (мала дигресија: благодарност до моите колеги од МТВ за препевите). Се повикуваат затекнатите на улица, пред маркети и продавници, на семафори – да ги слушаат песните и да учествуваат во евентуалните разговори и мислења за денешниот `феномен` на омразата, како таа да се надмине без негативни последици, да ги кажат нивните животни искуства околу неа и…полемики на лице место! Акционизмот ќе биде изведен на повеќе локации од градот на реката Бега, меѓу кои (статично), и од балконот на `Палата Мерси` (првата зграда со балкон во Темишвар), резиденција на Почесниот македонски конзулат таму.

Кога разговаравме како подготовка за ова интервју, ми споменавте за вашите потешкотии при финансиската проекција на проектот…

  • Да, благодарам што ме потсетивте, би сакал да кажам збор-два и за тоа. Познато е дека кај нас, уметниците, кураторите, историчарите на уметност и други физички лица интересирани за уметноста (и околу неа) – за реализирање на било каков замислен проект од областа на уметноста воопшто, едвај го чекаат Годишниот конкурс за проекти од јавен интерес на Министерството за култура на Северна Македонија, за да конкурираат за финансиска поткрепа на истите. Така и јас, се пријавив, приложив и потврда од страна на организаторот дека сите негови 7 куратори дадоа зелено светло за мојот проект и, морам да признавам, на мое големо разочарување, проектот беше одбиен. Без образложување! Не се жалев и почнав да барам спонзори. Да ја скратам приказната, испратив околу 90 (!!!) барања за спонзорирање на најуспешните фирми кај нас и седум романски фирми. Катастрофа, арам да им е, си се знаат кои се! Каква, општествена одговорност, каква отворена поддршка, какви бакрачи! Ова е сериозен проблем за кој и вие како специјализиран сајт за уметноста, треба да иницирате јавна дебата! Иницирање и конечно решавање со закон, компаниите кои го помагаат било каквото создавање на уметноста, да бидат адекватно ослободени парцијално од плаќање данок, како во секоја нормална земја. И затоа што сме тука, благодарност за моите помагатели овој проект да види виделина, Фондацијата Заев и Економската и индустриска комора на регионот Прахова од Поманија.

 

Александар Ристевски

You May Also Like