Дали народот научи да препознае кој го лаже?

Траумите кои ги има средната и постарата генерација на граѓани на Македонија од 90тите, се уште во голема мерка се вкоренети во неговата свест.

Криминалната приватизација, врвот со 40% невработено работоспособно население, неплатениот стаж, заостанатите плати, промената на името и акронимот ФИРОМ, промена на уставот, промената на знамето, бит -пазарските настани, проблемите со знамињата во Тетово и Гостивар, пара универзитетот во Мала Речица, атентатот на Киро Глигоров, двата срушени авиони со безброј жртви, се само мал дел од она што секој има барем 45-50 години и нагоре, се сеќава со горчина.

Таа матрица продолжи и со промената на власт во 1998 година, и системското рушење на истата, почна само не цела година по нејзиното инаугурирање. Дојде војната во Косово и бегалската криза, а таман тоа се помина почнаа „бомбите“ првиот сет од нелегално снимените разговори на владините функционери, нешто што ни се повтори по 15тина години повторно.

И повторно промена на власт во 2002, овој пат убедливо, слично до душа на она во 1994 кога имаа апсолутна власт, и повторно глупости, разделување на Електростопанство, продажба на дистрибуцијата на струја до потрошувачите на ЕВН, промена на територијалната поделба на државата, опструкција на референдумот против истата, мистериозна смрт на Претседателот, многу нерешени случаи и погибија на обични луѓе.

Потоа, од 2006 година, започна една нова пракса. Тоа што е ветено во програмата да се реализира и на истото цврсто да се стои. Имено, претходно политичките партии има пракса да ветуваат брда и долини, или да ветат едно, да прават друго. Партијата ВМРО ДПМНЕ започна со концепт на договор со граѓаните, да им понуди програма, нивните мислења и потреби да ги вклучи во истата, да ги испланира, предвиди и реализира. Истите се реализираа во над 90 проценти. Така е до ден денес, таа матрица, тој концепт на договор со народот функционира, а оние носители на функција локално или централно кои не се придржувале до програмата или биле разрешени или дистанцирани и отстранети, а самиот политички субјект од нив се оградил и за истите се извинил пред електоратот.

Земете било која друг политичка партија, и проанализирајте што ветила. СДСМ е апсолутен рекордер и шампион во давањето на лажни ветувања, нереализација на програмата и спроведување нешто сосема трето. Сега им ги гледам изборните програми од 2016 и 2020. Ветуваа студентски домови и студентски град. Нови објекти и згради. Ветуваа нов клинички центар, вон градот. Ветија дека нема да се промени уставното име, дека идентитет и јазикот се заштитени. Дека која и одлука да ја донесат, истата ќе биде подложна на референдум и дека истиот ќе се почитува. Ветија странски инвестиции. Покачување на стандардот. Ги ветија Гугл и Фејсбук во Македонија, дека како компании ќе отворат свои претставништва тука. Ветија фабрика за автомобили во Тетово. Ветија средено земјоделие. Враќање на младите кои избегале од странство. Ветија правда. Ветија систем на кариерен раст и борба со непотизмот и партизацијата.

Што добивме? Добивме илјадници медиокритети во институциите. Добивме полуписмени, корумпирани директори. Добивме тешка партизација. Добивме балансер со кој етничката припадност е приоритет при унапредување или вработување и во 90% се однесува на Албанците. Добивме судски хајки и прогони на обичен народ кои беа уценувани и заплашувани да сведочат против своите колеги. Ја добивме Катица Јанева и тие 10тина обвинители околу неа, заедно со 50тина други вработени, кои зборувајќи за правда парите ги трошеле без усул и си ги делеле меѓусебно, а не спроведоа правда, туку политичка хајка против неистомислениците. Добивме непочитување при промената на Уставот, силување на волјата на народот и одвратен инженеринг во Собранието со ликови кои за да си го спасат задникот си ги продадоа гласачите кои ги избрале. Добивме фалц вакцини, добивме препродавачи на лекови и вакцини. Добивме празни ливади, место инвестиции. Добивме Фонд за иновации, каде си делеа пари па партиските кадри, послушници и клиентелисти. Добивме една голема шарена лага.

Каде се другите партии? Каде е ДУИ во приказнава? Никаде! Се трудат да не го нишаат бродот, истиот да плови по мирно море. Велат дека се за интеграција, а продаваат етно шовинизам и сецесионизам, низ превезот на човекови права. Браво! Генијално! Уште потрагично е што опозицијата во нивниот затворен етнички политички кампус, не се осмелува да излезе од истиот и да бара општо народна поддршка туку се натпреварува како повеќе да ветат, а истото е, било и ќе остане јаболко на раздорот. Место да погледнат до каде се во борбата со криминалот, со хаосот во урбанизмот, бучавата, нарушување на јавен ред и мир, квалитет на образование, здравство, наука, екологија, се зборува за етнички и верски теми, делење на ваши/наши, и грабање од државниот колач кој треба да се дели по некаква пропорција.

Помалите партии неретко човек не вреди да ги анализира. Најголемиот дел немаат ниту идеологија, ниту концепт, освен агенда на незадоволни од другите партии, кои се обидуваат да наплатат самите. Пред четири години имавме и партија која нудеше вселенска програма и супер брзи возови и астрономски опсерватории…

Луѓе! Деца веќе не сме. Триесет и кусур години плурализам. Ова ќе ни бидат вкупно 11 парламентарни избори. Над 20 пати сме имале разни форми на гласање. Сјајно не е, гребатори и полуписмени, а агресивни и нападни, секогаш ќе има! Веќе јасно се знае кому не треба да му се верува. Се виде кој упорно лаже, кој распродаде се и раскрчми и обезличи цела држава. Кој се грижи за само дел од народот по етничка, верска или политичка основа, а кој работи за интересите на целиот народ и прогрес на државата.

Лажговците се спремни за политичка пензија, и тука не смее да се запре. Мора да има и одговорност, за многумина и кривична!

Имаме прекрасна држава, плодна земја, природни убавини, добра местоположба. Има и за јадење и за пиење за сите. Нема логика ние да се селиме да бидеме робови по Западна Европа, а тука да доаѓаат работници од Турција, Бангладеш, Пакистан, Индонезија.

Уште само 8 недели остануваат. Размислете, проценете и секако, испорачајте ги своите барања до идните носители на јавни функции. Актуелните, прешкртајте ги! Се виде нивното.

Александар Ристевски

 

извор: курир.мк

You May Also Like