На денешен ден: Роден е Лазар Личеноски

На денешен ден е роден еден од основоположниците на современата македонска уметност Лазар Личеноски (26.03.1901, Галичник – 10.04.1964, Скопје).

Во 1925 година дипломирал на Уметничката школа на Наставничкиот отсек, во класата на професорите Бета Вукановиќ, Љуба Ивановиќ, Петар Добровиќ во Белград, Србија. Потоа во 1927 година го завршил Академскиот курс во класата на Милан Миловановиќ, исто така во Белград, каде живеел до 1945 година, а потоа се преселил во Скопје.

Од 1927-29 година, по добивањето на стипендија престојувал во Париз, Франција, каде специјализирар ѕидни техники во атељето на сликарот фрескист Марсел Леноар и кај професорот Пол Бодуен во Школата за применета уметност, Академија Гран Шомие и атељето на Андре Лот. Од 1945-64 година работел како професор во Уметничкото училиште во Скопје. Бил професор и директор на училиштето за применета уметност во Скопје, дописен член на САНУ итн.

Добитник е на голем број награди и признанија од областа на уметноста: 1947 – Награда на Министерството за просвета и култура на НРМ; 1959 – Октомвриска награда за сликарство на СРМ; 1954 – Орден на трудот од I ред; 1961 – Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда. Остварил голем број студиски патувања, особено во Италија и Франција (Рим, Фиренца, Неапол), Франција (Париз). Остварил голем број самостоји изложби и учествувал на многу групни изложби во земјата и во странство.

Во февруари 2015 година, куќата на Личеноски, која се наоѓа во подножјето на Скопското кале, станува државна сопственост и е доделена на Националната галерија.

Лазар Личеноски спаѓа во првата група современи македонски ликовни уметници. Заедно со Димитар Пандилов – Аврамовски и со Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија.

Извор: Национална галерија

You May Also Like