Хит песна – што ли беше тоа?!

Интернетот во голема мерка придонесе да се види што всушност народот сака. Ова посебно може да се каже кога е музиката во прашање. Македонските медиуми со години форсираа музички имиња, кои ни беа промовирани како музички ѕвезди, за кои повеќе знаевме што пазарат, отколку што испеале.

Youtube, dailymotion, soundcloud и слични сајтови, ни овозможија да бидеме во тек со новите музички остварувања, на сите оние кои прават музика. Со самото нивно постоење, се релативизираше кредибилитетот на голем број мејнстрим медиуми.

Интересно е што постојат еден куп „ѕвезди“ кои и се добро познати на слушателската публика, но сепак не добиваат шанса на комерцијалните телевизии и радио станици. Изговорот дека се работи за уредувачка политика не држи, затоа што истите тие медиуми неретко пуштаат селективно артисти од ист музички жанр, ги форсираа и прават обид директно да влијаат врз вкусот на слушателската публика.

Муабетот дека се пушта тоа што народот го сака, во најмала рака е смешно. Доколку е така, тогаш треба сите телевизии и радио станици во земјава треба да пуштаат само турбо фолк. Секој кој излегол во било кој град кај нас, ќе забележи дека во 80% од местата за излегување ечи шундот на српските певаљки.

Интернетот тотално ја менува квази реалноста која одредени медиуми ни ја наметнаа. Ни дава можност самите да одбереме и одлучиме што ќе слушаме, не дозволувајќи им на мејнстрим медиумите да ни перат мозок, со нивните „ексклузивци“.

Александар Ристевски

You May Also Like