Интервју со Бојан Велевски, ново лице на Stand up сцената. Mладиот македонски актер Бојан Велевски, пред десетина години беше попознат како Ице од „Наше маало“. Почитувани читатели на cOoLTuRa, Ви го презентираме интервјуто кое што деновиве го направивме токму со него.
Од тогаш помина доста време, а Бојан оствари и други, позначајни ролји. Во изминатиот период тој глумеше и во филмовите : (2008) – „She is All That“ by Софија Теодор – главна улога „Оливер” ; (2009) : „Како да ме нема” by Хуанита Вилсон – споредна улога “Глигор” ; (2009): „Скопје Лаверс“ by Ѓорче Старвески – Главна улога „Дејан“; (2001) : „Светот има осум страни“ – Телевизиска Серија за деца – 2 епизоди 1.„Чоко и долгачите“ во главна улога – “Чоко” ; 2.„Слаткарница“ во споредна улога – „Владо“; (2000) : „Големи и Мали“ – Телевизиска серија од 5 епизоди, 3 епизоди во споредна улога – „Конде“; (2009) : „Народни приказни“ ТВ А1 – 3 епизоди во главна улога, а се појавува и како водител на емисии за деца и тинејџери.
cOoLTuRa.mk: Бојан, гледано низ призмата на твоето досегашно искуство, сметаш ли дека во Македонија, театарските претстави ги полнат салите?
-Дефинитивно не. И за тоа има неколку фактори. Ако размислуваме како публика тогаш прво што ми паѓа на памет е цената на билетите. 250 ден за карта е превисока цена, замислете едно четиричлено семејство да сака да појде во театар. Тоа се 1000 ден, реално е премногу. Друг фактор е неажурноста на системот. Во Скопје особено, во сите театарски институции гравитираат едните исти актери веќе 15 години и тоа е повеќе од здодевно за публиката, едноставно потребна е свежа крв. Класичен пример за тоа беше дипломската претстава на мојата класа „ГНЕВ“, која стана хит по само 2 изведби и без никаква реклама ја полнеше салата, но одговорните не само што немаа слух, туку се исплашија од квалитетот и свежината која “ГНЕВ” ја внесе во театарско Скопје.
cOoLTuRa.mk: Што се крие зад зборчето култура според тебе?
-Ако сакаме да филозофираме – Културата претставува начин на однесување на луѓето, според општествено прифатени стандарди. Таа е дел од индетитетот на еден народ, па оттука се што го карактеризира Макeдонскиот народ ја опфаќа и културата.
cOoLTuRa.mk: Од 1 до 10 на кое скалило ја рангираш културата кај нас? Што мислиш, што е најпочитувано: кино, театар, балет, опера, изложби …и секако, каде ти го минуваш времето кога си во „улога“ на публика?
-Не би сакал да дадам бројка, затоа што веројатно ќе биде многу ниска, може да бидам и погрешно сфатен. Но, таа е реално многу ниска особено кај тинејџерите кои не ги познаваат или едноставно одбиваат да ги почитуваат кодексите на однесување во културните установи. Генерално се е слабо посетено, особено изложбите. Но, ако веќе морам да издвојам тогаш сметам дека театарот и покрај очајната посетеност сепак е најпосетен во споредба со останатите културни случувања. Кога сум во улога на публика најчесто сум во театар. Иако обожавам и кино.
cOoLTuRa.mk: Актер, водител, презентер и стенд ап ( stand up ) комичар, кој е всушност Бојан Велевски кога за тоа говори, тактот на неговото срце?
-Мојата цел во животот одсекогаш била и е – професионален актер! Сето друго е споредно, иако морам да признам дека уживам во својата нова улога на Stand Up комичар, и моментално најслатко задоволство ми е кога публиката е упорна да ме прекине на момент само за да ми даде аплауз. Тоа е ново искуство, исклучително пријатно.
cOoLTuRa.mk: Кога сме веќе кај Stand up-от, ќе ни го појасниш ли со каков стил на stand up се занимаваш?
– Сеуште го дооформувам, иако неможеш еднаш за секогаш да го зaтвориш стилот, тој бара надоградување и тоа постојано. Но, можам да издвојам три главни карактеристики на кои „се потпира“ мојата интерпретација – иронија, сарказам и апсурд – тоа се три работи кои се обидуавм да ги пронајдам во секоја ситуација, или едноставно да ги вметнам каде што има потреба. Исто така посветувам големо внимание на имитациите кои ги правам во текот на настапот и се обидуавм да бидат што поблиски до луѓето што ги среќаваме насекаде, потенцирајќи го апсурдот во нивното однесување.
cOoLTuRa.mk: Од неодамна за твојата кариера почна да посветува внимение и некој друг. Ќе ни ги разоткриеш ли деталите, за кого станува збор.Овде би те потпрашала сметаш ли дека на нашиот пазар не се може сам?
-Тоа е човек со кој стапивме во контакт сосема случајно пред две недели. Мојот прв настап беше на негова приватна забава, реакциите беа максимално позитивни, и тој потоа во знак на благодарност самиот се понуди да ја менаџира мојата кариера како Stand Up комичар. На негово инсисирање не смеам да откриам за кого се работи, но можам да кажам дека е човек со многу контакти, кој верувам дека многу може да ми помогне. На нашиот мал пазар можеби се може сам, но едноставно тоа одзема доста време и енергија, а со самото тоа неможеш целосно да се посветиш на твојата работа, а тоа е да создаваш.
cOoLTuRa.mk: Каков карактер ти привлекува повеќе внимание кога станува збор за улога во филм/претстава, односно во што повеќе се пронаоѓаш, во позитивен или негативен лик?
– Позитивец сум по природа, ама пак од друга страна негативецот секогаш повеќе пали кај жените J (се смее ) Така да зависно од периодот сакам да играм еден од овие два типа.
cOoLTuRa.mk: Се случило ли да одиграш улога која не ти се допаѓа?
– Еднаш ми се случи такво нешто и тоа во испитот по актерска игра трета година. Текстот “Сон на летната ноќ” некако ми е здосаден и не сакав да играм било што внатре. И ко за беља ми “падна” улогата на “Задгораз”, ликот кој ја вози целата приказна. Но, максимално професионално си ја одработив работата, и немаше никаков проблем.
cOoLTuRa.mk: Чија улога ти претставува предизвик?
– Сер Ентони Хопкинс е еден од моите омилени актери, но со оглед на разликата во години, дефинитивно не би влегол во кастинг за неговата улога во “Joe Black”, па тогаш нека биде улогата на Бред Пит во истиот филм, потоа улогата на Едриан Броди во „Пијанист“ и улогата на германскиот поручник Hans Landa во “Inglorious Bastards ”.
cOoLTuRa.mk: Актер од македонската сцена, кој те насмеал до солзи…
-Димче Мешковски во “Викенд на Мртовци”.
cOoLTuRa.mk: Филм кој те натерал да го гледаш повеќепати…
– „Борновиот идентитет”, “Catch me if you can”, “Ocean’s 11”…
cOoLTuRa.mk: Со оглед на тоа што професијата ти го наложува, сигурно читаш често, но прашањето ми е дали сакаш да читаш слободна литература и кои наслови би ги издвоил како посебни за тебе?
– Читам исклучиво стручна литература, која ми овозможува постојано да се надградувам во мојата професија. Немам време за слободна литература.
cOoLTuRa.mk: Дали си колекционер на нешто?
-Да. На убави спомени.
cOoLTuRa.mk: Што да очекуваме од тебе во најскоро време?
-Па секако дека ќе се интезивираат stand up настапите како ќе одминува времето, наскоро влегувам во два театарски проекти оддеднаш, па ќе биде малце комплицирано да ги искомбинирам сите обврски. Тука би сакал да им се извинам на оние кои ги очекуваат моите видеа на You Tube и постојано ме прашуваат на FB, едноставно не останува време…
Очекувам следната година конечно да се појават на филмско платно дел од филмовите што ги срабтив во изминатите 3-4 години, на пролет ме очекува и снимањето на филмот „До Балчак“ под режисерската палка на Столе Попов. Тоа ќе биде уникатно искуство и го очекувам со нетрпение.
Александра Овчарска