Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Пол Волерс. На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу Министерството за култура и Амбасадата на САД во Република Македонија, која се одликува со реализацијата на голем број проекти од областа на културата.
Министерката Канческа-Милевска на средбата изрази благодарност за поддршката што ја дава Амбасадата на САД за реализација на повеќе проекти од областа на заштитата на културното наследство изразена преку доделувањето на повеќе амбасадорски грантови кои беа искористени за реставраторски и конзерваторски активности, голем број модификации, како и за активности поврзани со зачувувањето и негувањето на објекти од културен и национален интерес.
Амбасадорот Волерс ги истакна своите импресии од разновидноста на културните настани кои се случуваат во Република Македонија и изрази благодарност за поддршката што ја дава Министерството за отворањето и функционирањето на американските катчиња во Тетово, Битола и во Скопје, најавувајќи скорешно отворање на американско катче и во Штип.
На средбата беше потврдена улогата на културата како економски двигател на една земја. На средбата амбасадорот Волерс ја иницираше идејата за соработка на Министерството за култура со Смитсоновиот институт (Smithsonian Institution) од Вашингтон во насока на размена на експерти од областа на заштитата на културното наследство.
Исто така, во текот на денешниот ден министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска оствари работна средба и со амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија Стефано Лазарото на која се разговараше за културната соработка меѓу двете земји. На средбата, Канческа-Милевска ја потенцираше заложбата на Министерството за култура за проширување и интензивирање на културната соработка со Швајцарската конфедерација.
Амбасадорот Лазарото истакна дека во изминатиот период Швајцарската конфедерација, преку реализација на различни проекти од областа на владеењето на правото, демократијата и заштитата на животната средина, воспоставила интензивни врски со Република Македонија, но во стратегијата за 2012 година ќе ѝ даде приоритетно место и на културата.
На средбата, Канческа – Милевска и Лазарото се согласија дека досегашната соработка меѓу двете земји во областа на култура е на солидно ниво, но во иднина треба да се интензивира размената на проекти меѓу институциите во двете држави. На средбата се разговараше и за потпишување на меѓудржавен документ како институционална рамка со кој би се регулирала соработката меѓу двете земји. Амбасадорот Лазаро на средбата упати и покана до министерката за култура Канческа-Милевска за учество на Република Македонија на меѓународниот фестивал „Culturescapes“ во Базел каде што во 2013 година ќе биде презентирана културата на 5 држави од регионот.