Повод за пишување на овој напис ни даде најновата збирка песни „Возови на смртта“ која деновиве излезе од печат во реномираната издавачка куќа „Паблишер“ од Скопје.
Единствениот натуралист во македонската литература, по збирката „Здивот на смртта“, во 2018 година на издавачка куќа „Феникс“, чии рецензенти се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Христо Петрески, за која ја доби и наградата „Орфеј“, а во 2019 година направена е и како аудио книга, а стиховите ги говори актерот, Борис Чоревски, Пејковски повторно се навраќа за него постојаната и неодминливата тема смртта, токму со „Возови на смртта“ чии рецензенти се проф. д-р Венко Андоновски и поетот и професорот Славе Ѓорго Димоски.
Рецензентот Андоновски, во својата опсервација за „Возови на смртта“ ќе напише:.. „Пред нас стои една исклучително добра, кристално избрусена стихозбирка од поетот Зоран Пејковски, со наслов „Возови на смртта“. Ни помалку, ни повеќе, туку книга која ја открива самата суштина на поезијата: да биде исплетена од најсензитивни нишки, како пајакова мрежа. А мрежата, како космогониски симбол на совршеноста (со пајакот во нејзиното среде), е токму направена од – ништо. Познато е старото прашање од збирката на Зеноновите апории: дали мрежата се состои од конци или од дупки? Истото важи и за поезијата: дали таа се состои од звуци или од тишина, од значење или од затемнување на значењето до непрепознатливост, речиси до асемантичност (што не значи и до бесмисленост, зашто едно е значење, а друго е смисла). Поезијата ја бара смислата, а не значењето. Тоа Зоран Пејковски одлично ни го демонстрира во својата сјајна стихозбирка.
И навистина, оваа стихозбирка од ништо создава поезија. Нарцисоидните поети (оние кои започнуваат да пишуваат книга со јасна идеја која награда сакаат да ја добијат), тие „мермероидни“ прециози од поети, се скандализираат од идејата дека поезијата, вистинската поезија, се пишува и создава од ништо, ex nihilo. За нив секогаш е потребна ексклузивна, ексцентрична тема (мотив), на која ќе ѝ придружат исто толку ексклузивни и ексцентрични симболи. Тие наивно веруваат дека поезијата се прави од готови возвишени состојки, а, всушност, е обратно: добрата поезија низ сопственото создавање ги преобразува „обичните“ состојки во возвишени и благородни: таа не е колекција на готови благородни мисли, туку процес на создавање благородно од обично, процес на создавање вино од вода. Не е таа коктел од добри вина кои во песната се покажуваат како готови, туку гроздови зрна кои низ самиот поетски чин ферментираат во вино и поезија, во мудрост и лепословие.
Така е и овде: на Зоран Пејковски, за да создаде врвен и возбудлив поетски чин (и резултат), доста му се: еден воз со една локомотива, неколку вагони, една пруга, патници кои влегуваат и излегуваат, троа нивни мириси, еден тунел и – толку. Со тие неколку „зборови“ се гради цела една Кантовски прецизна и цврста зграда на филозофијата на животот и смртта. Значи, Пејковски не се плаши од тоа дека одбрал премногу „обични зборови“ за да искаже цела филозофија на животот и смртта преку една речиси лекикализирана метафора – патувањето. Еве зошто не се плаши од „колективните симболи“ (оние што најмногу се употребувани во секојдневнот говор или во поезијата): затоа што им наоѓа ново значење, нова гледна точка. Животот е патување, возот е судбината, тунелот е премин кон другата страна, кон смртта, која е одново раѓање“…. Притоа, тој ќе додаде:…„Така, почнувајќи од навидум очигледни поетски вистини, во стихозбиркава расте еден колосален поетско-религиозен однос кон смртта, еден нејзин метафизичко-естетски пораз, затоа што и таа стекнува атрибути на минливост, на една транзиција низ краткотраен мрак пред ново раѓање во нова светлина. Стихозбирката завршува во едно космичко крешчендо кое замислува милиони и милиони патници во милиони возови, а, всушност, во еден космички воз на „големиот транспорт“, што многу потсетува на сликите од мистериите на старите цивилизации и од параболите на античките филозофи за тоа што е животот: сите ние сме на едно големо патување, дел од еден голем транспорт, изгубени на една планета (сплав) за која не знаеме ни од каде дошла ни каде оди, и секој ден по некој од нас, патниците, се лизнува од сплавот (возот на Пејковски) во темнината, ама патувањето продолжува. Во антологиската песна „Големиот транспорт“, Пејковски пишува: „Големиот транспорт / на милиони и милиони патувачи, / и сонувачи, / секојдневно го заобиколува / светот, / заедно со ангелите, / кои невидливо ги придружуваат, / додека не стигне часот, / да ги подземат душите, / кога ќе се збогуваат / со своето тело.“
Тоа, накратко, значи: животот се сели од телото во душата, и тоа е една можна дефиниција на смртта. А патувањето со возот е нужно да се случи тоа ослободување на животот од телесното. Во секој случај, одличен поет и одлична поетска збирка. И повеќе од тоа: стихозбирка по која се чувствувате како да сте прочитале езотерична книга, зашто и тие книги, како и поетските, се вистинска пајажина, сензитивно нешто направено од речиси – ништо. А разбирливо“, меѓу другото, ќе додаде рецензентот проф. д-р Венко Андоновски.
Рецензентот Славе Ѓорго Димоски ќе напише: „Поезијата што ја пишува Зоран Пејковски го содржи чувството на модерниот миг во кој човекот како единка ги памети слоевите на животните искуства и сега, соочен со сенката на нешто што исчезнува, опфатен е од некоја јанѕа, некаков незнаен страв кој „пулсира чудовишно силно“ бидејќи „до смртта не се патува, / таа те придружува“ и тој трепет на страв, разнолик и повеќеврсен, се шири како што се шири и модерниот парадоксален свет вовлечен во кожурокот на поетот што истражува. Тој ја истражува смртта. Бележејќи ја историјата на поетското искуство (бидејќи песните се траги на времето и во времето), Зоран Пејковски го варира непостојаниот и мигновен облик на смртта преку моќната метафора присутна уште во насловот „Возови на смртта“, а потоа низ трите циклуси, внимателно и одмерено структуирани, ја развива идејата на преживеани мигови и асоцијации кои во своето микрозначење добиваат поширока смисла, една полнотија во која се огледува сеприсутноста на јанѕата, стравот и сомнежот.
Ако ја разгледуваме стихозбирката циклус по циклус, ќе се соочиме со прецизноста на поетот во оформување на поетските целини, засновани на поетиката на обичниот, но напрегнат едноставен израз и со неговиот смирен поглед кон осетениот и видливиот свет кој го истражува преку јазичките конкретни и јасни склопови со голема прецизност и контрола. Значи, станува збор за пречистен, јасен поетски ракопис кој, ослободен од секакви нејасни вртења, е исполнет со впечатливи слики кои ја откриваат внатрешната драма на модерниот човек. Воедно, тој ќе додаде:…„ Немам намера овде подробно да ја образложувам најновата книга на Пејковски, тоа задоволство му го оставам на читателот да се нурнува во мрежата на овој извонреден поетски текст, со длабока внатрешна приказна која се ниша на невидливата нишка меѓу сонот и јавето, поточно, меѓу овој и другиот (некој) свет во кој се влегува „бестелесно“.
И пак да се вратам на насловот, кој, на некој начин, е невообичаен, бидејќи во потсвеста на читателот обликува некаков метафизички хоризонт кон кој јурат тие „возови на смртта“, но при нивното забрзување како секавици проблеснуваат фрагменти низ кои поетот умешно читателот го префрла де на едната, де на другата страна на светлото и темното, сугестивно освојувајќи ги тие имагинативни простори низ кои се шири некоја меланхолична евокација кон животниот календар:
…„Календарот е возен ред
на животот,
додека нѐ стигне смртта
како последен воз“…
Извонредната заокруженост и длабокото проживеано искуство стојат во основата на оваа книга која се движи од лична длабока исповед (сигурно: со причина) до возбудлива „поетска расправа“, од постојано умножување на рефлексивните слоеви на потсвеста до незабележливо претопување во слики од стварноста кои судбински водат кон „светот“ кој „сѐ уште / за жал, нема алтернатива“, а „животот… се случува / во затворените футроли / на срцето, на умот“.
Книгата „Возовите на смртта“ во својата целост, со одмерен ритам, конечно, се потврдува како прониклив и промислен поетски говор по прашањето на „модерната егзистенција“.“… ќе заврши еден од најголемите поети во македонската литература Славе Ѓорго Димовски, кој сега се јавува како рецензент на збирката песни на Пејковски „Возови на смртта“.
—————————
Пејковски, е автор на голем број на книжевно- драмски, прозни, поетски, сценско-драмски, преведувачки, публицистички и научни остварувања. Тоа значи дека тој е автор на драмските ракописи: „Атомско време“ (трагедија, 1987); „Последниот чин на комедијата на смртта“ (трагикомедија, 1994 г.,); „Љубов на вересија“ (љубовно-еротска комедија 1999 г.); „За животот, љубовта и смртта“ (монодрама, одиграна во сезоната 2001-2002 на сцената на Народниот театар од Битола, а отпечатена во книга во 2011 година); „За животот, љубовта и смртта“ (аудио-монодрама, 2012 г.); „Сон“ (трагедија, 2013); „Сите наши кодоши“ (македонска национална трагедија, 2014 г.); „Самуилово распетие“ (драмска пиеса во стих, 2014 г.); „Херувимите на Самуиловата круна“ (сценско-драмски рецитал); „Со љубов кон свети Климент Охридски“ (сценско-драмски рецитал); „Апостолска чудотворност“ (драмска адаптација на драмата „Апостолска чудотворност“, 2016 г.); Па следат: „Избор драми – трагедии“ (трагедии, 2016 г.); „Совршенство или смрт“ (драмска пиеса во стих во 6 сцени, 2017 г., посветена на Григор Прличев, пишувана по повод 125-годишнината од неговата смрт -1893-2018); „Последни чин комедије смрти“ (трагикомедија на црногорски јазик која во сезоната 2017-2018 одиграна е на театарските сцени во Беране, Подгорица, Бјело Поле во Црна Гора, потоа во театарот „Славија“ во Белград и Центарот за култура во Трстеник, во Србија, а во 2018 година одиграна е во театарот „Бата Булиќ“ во Општината Петровац на Млави); „Реквием за љубовта“ (драмска пиеса во стих 2017 г., пишувана по повод 75-годишнината од холокаустот врз Евреите 1943-2018); „За македонската библија“ (сценско-драмски рецитал, 2017 г.); „Requiem for love“ (драма во стих, на англиски јазик, 2017 г.); „Реквием за смртта“ (драмска пиеса во стих, 2018 г., пишувана по повод 75-годишнината од убиството на Коста Рацин); „Recviemul dragostei“ (драма во стих, 2018 г., на романски јазик); „Requiem dla miᴌṥci“(драма во стих на полски јазик, во 2019 г.); „Мали детски разговори“ (детска пиеса, 2019 г.); Што се однесува до прозата, тој е автор на романот „Градот на Јужното Море“ (2015 г.); Па следат збирките песни: „Тесно небо“ (поезија, 1993 г.); „Реликвија на светлината“ (поезија, 1996 г.); „Облак во панталони“ (препев од руски на поемата на Владимир В. Мајаковски, 1997 г.); „Relic of the light“ (поезија на англиски јазик, 1998 г.); „Филозофија на смртта“ (поезија, 1999 г.); „Сега знам“ (поезија, 2014 г.); „Да не ми е сон“ (поезија, 2016 г.); „Златна прашина“ (поезија, 2016 г.); „Sa nu – mi fie vis“ (поезија на романски јазик, 2016 г.); „Македонски Стар и Нов Завет“ (поема, 2017 г.); „Que ce ne soit pas mon rȇve“ (поезија на француски јазик); „Ta s-nunjhiba yis“ (поезија на влашки јазик); „Да не ми е сон“ (четиријазична поезија, 2017 г.); „Здивот на смртта“ (поезија, 2018 г.); „Од предците за потомците или збратимени во името на своите предци“ (поема, 2019 г.); „Здивот на смртта“ (аудио книга, 2019 г.); „Востаничка правда“ (поезија, 2019 г.); и „Возови на смртта“ (поезија, 2020 г.).
Што се однесува до книги објавени во областа на публицистиката, Пејковски е автор на: „Театарот е ритам и стил“ (2002 г.); „Театарот е фабрика за соништа“ (2012 г.), но тука се и книгите и текстовите од областа на науката, а станува збор за: „Драмата во стих во македонскиот театар“ (учебник за студентите по драматургија, 2019 г.); „Патиштата на дијалогот во театарот преку Константин Сергеевич Станиславски и Бертолд Брехт (учебник за студентите по драматургија, 2019 г.); „Поезија и комуникација“ (труд за значењето на поезијата како средство за комуникација); „Беседа за една силна инспирација“ (труд посветен на Петре М. Андреевски); „Драмските погледи на ликовите кои страдаат“ (труд кон театарските ликови кои страдаат на сцената); „Нов александрит во македонската поезија“ (труд кон поемата „Еригон“ од Александар Кукулев); „Театарот е жив“ (труд по повод 70-годишнината на Народниот театар од Битола); „Дон Кихот – витезот со тажен лик“ (труд кон претставата „Дон Кихот од Ла Манча“); „Магичната сцена на Народниот театар од Битола ги воодушеви битолчани“ (труд кон сценско-музичкиот настан „Музиката и ние“); „Чеховата „Вишнова градина“ нов режисерски потпис на Зведана Ангеловска“ (труд кон претставата „Вишнова градина“); „Милеровата „Медеја“ предизвика силна експресија кај битолската публика (труд кон претставата „Медеја“); „Mendace veritas или баронот Минхаузен беше во право“ (труд кон претставата „Вистинскиот Минхаузен“); „Јане Задрогаз“ – алузивна претстава на сегашноста“ (труд кон претставата „Јане Задрогаз“); „Македонската трагедија преку очите на Ненад Витанов“ (труд кон претставата „Лет во место“); „Шекспировски, а, сепак, македонски! Или приказна за круната“ (труд кон претставата „Хенри Шести“ – трет дел); „Приказна за хаосот и по 205 години“ (труд кон претставата „Травничка хроника“); „Хамлетмашина“ на сцената на Народниот театар од Битола“ (труд кон претставата „Хамлетмашина“); „Претстава за сеприсутното лицемерие“ (труд кон претставата „Тартиф“); „Женскиот Хамлет на сцената на битолскиот Народен театар“ (труд кон претставата „Хеда Габлер“); „Каде е уметноста во „За домот се работи“?! (труд кон претставата „За домот се работи“); „Црвенката“ (труд кон претставата за хармонијата каква што ја сакаат децата); „Бугарски режисери на сцената на Народниот театар од Битола“; „Влијанието на творештвото на Петар Канавелиќ врз творештвото на македонски автори“; „Италијански драмски автори прикажани во Битола“; „Преку македонската народна сказна од македонската традиција“ (труд кон книгата „Народни сказни од Долни Дримкол“ од Петко Домазетовски) и многу други.
Преведен е и препеан, на многу светски јазици, а неговите драмски пиеси одиграни се на 30 светски јазици, меѓу кои: англиски, француски, српски, хрватски, црногорски, босански, словенечки, руски, бугарски, грчки, албански, португалски, полски, шпански, романски, влашки, монголски, ерменски, украински итн.
Член на Друштвото на писатели на Македонија од Скопје од 1995 година, потоа, член на Македонското научно друштво од Битола и на неговиот Управен одбор; Потоа, поранешен член на Собранискиот одбор на Друштвото на писатели на Македонија од Скопје; поранешен претседател на Друштвото на писателите „Битолски книжевен круг“ од Битола; поранешен главен и одговорен уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое излегува во рамките на Друштвото на писателите „Битолски книжевен круг“ од Битола; а, воедно, тој е и основоположник и поранешен раководител на Центарот за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво, кој работи во рамките на Македонското научно друштво, како и основоположник и поранешен главен и одговорен уредник на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ кое, исто така, излегува во рамките на МНД;
Како македонски писател, за својот книжевно – драмско – прозни и поетски опус Зоран Пејковски има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои: „За серија информации во популаризација на книгата“ на Културно – просветната заедница на Македонија, во 1992 година; наградата „Празник на липите“, во 2012 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, на истоимената Меѓународна книжевна манифестација; наградата „Медијала“ на „Македонија презент“ за збирката песни „Сега знам“, во 2014 година, како и наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола, за книжевност и литература, за 2014 година, за драмскиот текст „Сите наши кодоши“ и збирката песни „Сега знам“. Потоа, во 2016 година ја добива наградата „Јован Котевски“ за збирката песни „Златна прашина“, а истата 2016 година ја добива и наградата „ЕРГО СУМ“ за популаризација и афирмација на театарскиот израз, како и наградата „Прозни мајстори“ за романот „Градот на Јужното Море“.
При крајот на 2016 година од НУУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола ја добива наградата „Св. Климент Охридски“ за придонес во литературата и културата. Што се однесува до 2017 година, на анонимен конкурс ја добива наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски јазик, а станува збор за поемата „Македонски Стар и Нов Завет“. Како и Признанието за најдобар автор претставен пред велешката публика. Во 2018 година, за збирката песни „Здивот на смртта“, ја добива наградата „Орфеј“ од Издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Воедно, Зоран Пејковски во 2019 година ја добива наградата од Меѓународниот театарски фестивал „Театар во куфер“ што се одржува во Штип, како и наградата „Книжевен круг за поезија“ за збирката песни „Востаничка правда“. Во 2020 година, Зоран Пејковски ја добива и престижната награда „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади во 2019 година, за пиесата за деца „Мали детски разговори“, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Во контекст на добиените награди и признанија од странство, Зоран Пејковски во 2016 година, од институцијата Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/ France, е назначен за почесен амбасадор на мирот. Оваа титула му е доделена од Швајцарија и Франција, а таа им се доделува на големите книжевни и уметнички имиња кои ја презентираат литературата од земјата од каде што потекнуваат во европските и светските рамки, но и за нивен придонес за човештвото во Европа и светот, со која титула овие две држави сметаат дека ја донел македонската литература на европските и светските меридијани. Во 2016 година Зоран Пејковски станува и член на Сојузот на независните бугарски писатели, а во текот на 2017 година е примен за редовен член на Друштвото на светските поети „Поетас дел мундо“ –„Poetas delmundo“, со седиште во Чиле. Во март 2017 година од академикот на Чувашката народна академија и претседател Е.Е Ерагин ја добива меѓународната награда – Почесен сребрен медал „Елтебер“ за исклучителен придонес меѓу народите, а на 27 мај 2017 година Зоран Пејковски е прогласен за академик како редовен член на Руската Федерација. Од Сојузот на независните писатели на Бугарија, на 18 декември 2017 година, ја добива Почесната диплома од академикот Марин Кадиев за неговиот придонес во развојот на македонско-бугарските односи и врски во литературата и Уверението, исто така, од 18 декември 2017 година, со кое се потврдува дека тој е добитник на највисоката награда, почесниот Златен медал, а во 2017 година, тој е избран за редовен член на Хрватското книжевно друштво.
На 18 јануари 2018 година, Зоран Пејковски повторно е прогласен со научното звање Чувашки народен академик, како почесен народен академик на Чувашката народна академија, со што тој, всушност, е прогласен два пати за академик. А пак на 25 мај 2018 година ја добива меѓународната книжевна награда Петар Канавелиќ, која му ја доделува Хрватското книжевно друштво. Во септември 2018 година ја добива меѓународната книжевна награда за литература Klemensa Janickiego од Полска, која награда досега не ја добил ниту еден македонски писател, а пак истиот месец и истата година, на Зоран Пејковски му се доделува наградата Европски медал за поезија и уметност „Хомер“ која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел 2018, при Европската Унија. Со која, всушност, се добива титулата Европски писател на поезијата и уметноста. На 8 септември Министерството за култура на Република Украина му ја доделува Грамотата, односно Наградата за поезија од Украинскиот фонд за култура од Киев со што му е доделен и медалот на оваа висока меѓународна награда, а потоа на 24 сепември, Зоран Пејковски примен е за почесен член на Сојузот на писателите на Република Украина, а Сојузот на писателите на Украина го наградува со Грамота – Награда за литературна критика и посебен придонес во светската литература, за на 25 септември токму од овој Сојуз на писателите на Република Украина го добива и златниот медал „Почесна видзнака“. На 28 септември Зоран Пејковски добива и две меѓународни награди „Радко Радков“ од Сојузот на независните бугарски писатели. Првата ја добива за исклучителен придонес во светската поезија, а со втората награда „Радко Радков“ тој е прогласен за Витез на литературата за исклучителен придонес во светската поезија. Во 2019 година ја добива и почесната плакета „Св.Св. Кирил и Методиј“ за високи литературни достигнувања во областа на театарот и драмата, која му ја доделува академикот Марин Кадиев.