Во Галеријата МКЦ на 19.11.2018 (понеделник) во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на Стефан Димовски. Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство. На изложбата авторот ќе се претстави со 30-ина дела во комбинирана техника.
Стефан Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му oвозможува да воспостави контакти со познати акварелисти и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција.
Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим) – MDS CATALOGO INTRNAZIONALE D`ARTE MODERNA no.11 (EDITRICE D`ARTE CIDA ROMA 2010/2011). Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12 саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. (FOIRES AUX CRОUTES DES PEINTRES ET DES AQUARELLISTES – Saint Raphael, France 2011).
Во 2011 година исто така добива втора награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање, во организација на ПАКОМАК. Во 2015 година станува член на ДЛУМ и учествува на сите изложби во организација на ДЛУМ, како и во странство. Во 2017 добива награда „ЗЛАТНА ЧЕТКА“ од ДЛУМ на МиниАРТура во НЛБ галерија. Во 2018 година заедно со Ангел Димовски Чауш, Трајче Чатмов и Љупчо Илиевски ја претствува Македонија на WORLD ART DUBAI во организација на Matchboox gallery Skopje, каде што истата галерија е номинирана во 10 најдобри галерии во конкуренција од 42 галерии и 157 уметници..
Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел).
„Акварелот нуди големи можности за експериментирање и како ликовен израз од уметникот бара брза и вешта рака, суптилен колорит, специфичен ликовен јазик и познавање на техниката. Токму сето ова е присутно во творештвото на Стефан Димовски,“ Дора Андова Фотева
„Стефан со неговиот талент иницира нов почеток со особена посебност во сликарскиот јазик, акварели автентично, маестрално и лефтерно изведени со акварелната сликарска четка, ни наговестува голем мајстор во доменот на акварелот,“ Милош II Коџоман