Концерт на Архангел во Метрополис арена! Тоа самото по себе е податок за паметење и вест вредна за анализа.
Што всушност се случуваше во саботата во Метрополис арената? Огромна маса на народ се слеа кон Скопскиот саем, однапред навестувајќи дека ќе биде преполно. Организацијата потфрли од самиот старт. Се ствараа огромни колони, уште од самиот влез на Саемот (кај билетарниците) и секој кој сакаше да влезе беше приморан да чека најмалку половина час, па и повеќе.
Односот кон новинарите катастрофален! Добар дел од оние за кои беше речено дека ќе бидат акредитирани, ги немаше нигде на списоците, без отпечатени акредитации, па се убедуваа на лице место, дека се дојдени да покриваат настан. По настанот никој од изведувачите не најде за сходно да даде изјава, исто како и организаторите.
Дали некој знае колку собира Метрополис и колку лица е дозволено да влезат? Владееше општ хаос, обезбедување и редари секаде само не онаму каде што треба, а огромната гужва и турканица, надополнета со мал милион запалени цигари во самата сала, створи дополнителен хаос.
Не беше ни мал број на луѓе кои беа вратени затоа што им се велеше дека им се фалц картите, иако добар дел од нив вадеа и фискални од Литиум, од каде што ги купиле.
Потпросечно озвучување. Џабе одличен бенд, кој лошо се слуша. Толку!
Настан и концерт кој вреди да се заборави. Вредно за споменување е само тоа дека Архангел се големи, и дека можат во било кое време да го наполнат било кој репрезентативен објект во Македонија. Архангел се бесмртни!