Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска е избран во официјална конкуренција на престижниот филмски фестивал во Берлин, со што по пауза од 25 години („Пред дождот“, Венеција, 1994) македонски филм повторно ќе биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.
Премиерата на филмот во Берлин ќе биде на 10 февруари, соопштија денеска на прес-конференција продуцентката и една од актерките во филмот Лабина Митевска и директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија Горјан Тозија, кој рече дека Берлиналето е мошне рестриктивен фестивал, избирлив и тежок да се влезе во официјалната селекција и дека успехот се должи на квалитетот на филмот.
На 4 декември, рече Митевска, пратиле во Берлин недовршена верзија на филмот кој, според процедурите, го видела комисија од 30-ина луѓе, и веќе на 10 декември ја добиле официјалната покана со ембарго за објавување на веста. Рече дека директорот на Берлиналето Дитер Козлик, кој за претстојното издание по 20 години последен пат ќе го предводи фестивалот, во писмото им честитал и им напишал дека комисијата била импресионирана од филмот. Митевска додаде и дека филмот е резултат на неуморна работа и дека со сестра ѝ Теона вложиле многу труд и љубов.
Избран е и агентот за дистрибуција на филмот – францускиот „Пирамид“, кој ги откупил правата за светска дистрибуција и на 24 април 2019 ќе ја почне кинодистрибуцијата во Франција. Филмот ќе биде трет (по „Пред дождот“ и „Јас сум од Титов Велес“) што ќе се прикажува во француските кина. Кога ќе биде македонска премиера ќе одлучат дополнително и ќе соопшат по прикажувањето на филмот во Берлин.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше сниман во февруари и март минатата година во Штип, а постпродукцијата е работена во Франција, Белгија и Словенија. Насловната улога (Петрунија) ја игра Зорица Нушева. Филмот раскажува за млада невработена девојка од Штип, која на Водици решава да се фрли по крстот. Но кога успева да го фати, почнуваат и нејзините проблеми затоа што е жена.
Директорот на Агенција за филм Тозија очекува овој филм да постигне голем успех и да даде импулс, како што рече, во расчистувањето на ситуацијата во македонскиот филм затоа што во десетина години имало квантитет од филмови за кои се трошеле огромни пари без да се постигне препознатлив успех.
Она по што е интересен новиот филм на Митевски е дека целиот технички тим е женски – покрај режисерката Теона, ко-сценарист е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Виргине Саинт Мартине, костимографка Моника Лорбер, за шминката е задолжена Мојца Горогранц-Петрушевска, монтажерка е Мари Хелен Дозо, а дизајнер на звук – Ингрид Симон. Братот на сестрите Митевски, Вук Митевски, е сценограф на филмот.
Покрај Зорица Нушева и Лабина Митевска, во актерската екипа се и: Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Игор Тодоров, Ненад Ангелковиќ и Владимир Тулиев.
Успеси бележат на други македонски филмски проекти и актери: долгометражниот филм „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска влезе во селекција на фестивалот „Санденс“, кој е посветен на авторот и независниот филм; по 2011 година македонски актер (Благој Веселинов) е избран во програмата Шутинг старс (Shooting Stars) во Берлин, а младата актерка Сара Климовска, пак, е избрана за „Берлин таленти“.