Александар и Tрибалите

Трибалите, исто како и останатите околни племиња при дознавањето на информацијата за смртта на Филип II, се решиле за бунт со цел за одметнување од македонската зависност.

МладиотАлександар сметал дека не смее да се впушта во војна со Персија, пред да ги присили на покорност соседните племиња. Првиот негов голем воен поход, пролетта 335 година п.н.е. бил токму против Трибалите. Без оглед колку тој поход за самите Трибали бил кобен, тој настан ги внел да станат дел од светската историја. Во историјата на Трибалите, војната со Александар зазема централно место.

Информациите кои постојат за војувањето на Александар со Трибалите се доста обемни, благодарение на пишаните информации на Аријан, кои се засновале на раскажувањата на големиот современик и учесник на Александровите битки и основачот на македонската династија во Египет, Птоломеј Лаг. Тој запишал дека штом започнала пролетта, Александар тргнал во Тракија против Трибалите и Илирите затоа што чул дека тие се побуниле, а не сакал своите соседи да ги остави не покорени до крај, знаејќи дека се спрема за на поход кон исток.

Тој тргнал од Амфиполис и навлегол во Тракија, движејќи се така што ги имал градот Филипи и планината Орбел од својата лева страна. Откако ја поминал реката Нест, десеттиот ден стигнал до планината Хема. Во теснецот низ планината Тракијците пробале да му го попречат патот, и по стрмнината со коли да насрнат на македонската фалангата и да ја разбијат. Александар наредил да војската нагло се тргне по страните и да ги пропушта колите, а во местата каде теснецот бил претесен, да легнат и да се покријат со своите штитовите. Успехот бил зачудувачки – ниту еден Македонец не настрадал. Тогаш тој преминал во противнапад и на Тракијците им нанел огромни загуби и запленил огромен плен, кој го предал на Лисаниј и Филота, а самиот преку планината Хема продолжил кон земјата на Трибалите, на реката Лигин. Кралот на Трибалите Сирмо, заедно со својата војска побегнал и се засолнал на некоја од дунавските ади. Подоцна тие се стационирале на брегот од реката, покрај една шума. Александар ја распоредил фалангата во длабоки редови, и тргал со тоа што им наредил стрелците да истрчаат напред со што стрелајќи би го истерале противникот од шумата на отворено. Во моментот кога ги извлекол од шумата, Александар му наредува на Филота да нападне со горно македонската коњаница од десно крило. Со Хераклид и Сополис, нападнал по левото крило. Во таа битка околу 3000 Трибали погинале, а останатите се разбегале, додека кај Македонците погинале 11 коњаници и околу 400 припадници на пешадијата.

Три дена по битката, Александар стигнува на Истар и допловува до островот каде се засолнале Тракијците и Трибалите и пробува да се истовари, но струјата и лошата теренска конфигурација му го оневозможува тоа, па се повлекува со своите бродови, одлучува да ја помине Истар и да удри на Гетите. При своето враќање кон дома, проаѓа низ земјата на Агријаните и Пеонците.

На голем проблем научници им претставувало определувањето на патеката по која Александар го поминал Балканот, и каде точно избил на Дунав. Забуната ја правеле двата града со името на неговиот татко, Филипи во подножјето на Пангајската гора и Филипополис кај сегашен Пловдив. Размислувањата често воделе до нелогични теории околу тоа зошто Александар кружел или заобиколувал непотребно некои места, но се се’ разјаснило кога се открило дека постоел усте еден град кој го носел името наа Филип, во Парорбелија на подножјето на планината Орбела, западно од Стримон, а јужно од Беласица. Сите вакви неконкретни информации дезинформирале околу тоа каде точно биле населени Тракијците и Трибалите. Уште поголема недоумица се јавува при потребата да се одреди каде се наоѓал островот на Дунав на кој Трибалите нашле засолниште. Дали тој бил на устието на Дунав или пак назад узводно Некои научници сакаат да протуркаат теорија дека се или два острови со исто име, или дека тоа е всушност познатиот островот Пеуке. Како и да е, ниедна од овие теории не звучи издржано, што тера на сомнеж кон дадената теза, затоа што многу прашања и овој пат остануваат не одговорени.

Различни се и информациите околу начинот на организирање на војската на Трибалите и нивниот распоред на терен. Во збирката „Интересни обичаи“ на Никола од Дамаск пишува дека Трибалите ги распоредувале силите во четири бојни редови: напред оделе оние најслабите, по нив оние најсилните, потоа коњицата и на крајот жените кои со навреди и колнење го спречувале бегството на војниците наназад. Се работело за организирана воена формација која за разлика од кај многу други племиња, се засновала на одреден концепт за организирано војување. Александар сериозно го сфатил овој свој поход и повикал воени бродови кои од Визант преку Црното море и Дунав дошле до островот на кој биле стационирани Трибалите, како и чамци кои ги зел од локалното тамошно население. Победата на военото поле отворала можност да се заробат или преземат голем број робови, стока и друг подвижен имот што за Александар бил дополнителен мотив.

Иако истоварувањето на островот не било успешно и иако трибалскиот крал и неговите сили не биле во тој момент поразени, преодот од левата страна на реката и војувањето со Гетите предизвикало да сите околни племиња поитале да се „спријателат“ со Александар, па дури и Сирмо, кралот на Трибалите испратил дарови за младиот македонски крал, со што формално ја изразил својата покорност. Од тој момент територијата на Трибалите може да биде земена во предвид како територија која Александар ја имал под своја контрола и со тоа да се промени дотогаш евидентираната граница на неговото кралство на север.

Војувањето на Филип и Александар на северните граници на Македонија, не било со цел да се прошири македонската држава, туку за јакнење на нејзината власт и стекнување на богатство. Покорените племиња – Трибали, Илири, Дарданци, Пеонци, Агријани ги зачувале своите домашни владетели со неизменето политичко уредување. Нивната потчинетост кон македонскиот крал се манифестирала со давање војска, плаќање на данок и слично. Трибалите учествувале и со еден контингент на војска, при Александровите походи на Исток, каде што во пишаните материјали се вели дека покрај македонските, грчките и наемните (платениците) војници, имало и 7000 Одризи, Трибали и Илири. Името на Трибалите било споменуваново скоро сите поголеми битки на Александар, па може да се земе за сосема веројатно дека нив им било обврзено да праќаат контингент со војска постојано.

Александар Ристевски

You May Also Like