Македонска културна сцена: Никому не му е грижа за ништо, додека не го удрат по џебот!

Не стивнуваат реакциите на засегнатите уметници, фестивали, директори на институции во врска со резултатите од Годинешната програма за култура, на Министерството за култура.

Иако минатата година конкурсот помина скандалозно, каде што направени беа резови кон десетици настани и манифестации кои со години добивале поддршка, како и многумина кои целосно беа заобиколени и не добија денар, годинава дополнително се надминаа.

Повеќе загрижува според мене, е тоа што се сведовме на општество кое е себично, бездушно, мрзеволно за се’, кое само се жали и кука, за ништо не се бори, се’ до моментот додека некој не го удри по џебот, или не му ја загрози „тезгата“, „гранапчето“ на кое се секој се навикнал, како некое стекнато право. Онаа „comfort zone“ која ја створил, па е убеден дека нешто токму нему му припаѓа. Тоа е како некое „дете“ кое наполнило 30 и кусур, сеуште живее со родителите, и не само што е дома, туку и не плаќа ниту сметки, ниту некако придонесува, чека ручек на готово, очекува да биде испеглан и испран, и секако им се дере на родителите (погледнете го филмот Failure to launch).

Каде лежи во основа проблемот?

Проблемот е во тоа што сите сметаме дека некој нешто ни должи, дека нешто ни следува, и дека тоа е вечно. Некои тоа го очекуваат на стара слава, некои по етничка основа, некои по партиска, клановска, локал патриотска, идеолошка, хиерархиска, но забораваат на еден клучен факт: НЕМА ЗА СИТЕ, И ТОА КУПЧЕ ОД НЕГДЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОЛНИ.

Парите кои ги дели државата како поддршка за културата, доаѓаат од даноците и давачките кои ги плаќаме према истата. Културата, де факто, треба и мора да е поддржана, за да расте и се развива, се додека истата не се осамостои. Треба да се поддржува заштитата на културното наследство (духовно и материјално), зачувувањето на традициите и обичаите, нивното евидентирање, дигитализацијата, поддршка кон младите талентирани автори, меѓународната соработка… се она што не може да генерира инстант профит, а креира трајна вредност или ќе даде долгорочен повратен ефект, кон културата и зајакнување на Македонија на културен план.

Мислам дека проблемот лежи кај сите нас. Министерството за култура греши затоа што се расплинува, затоа што секој нешто мери, сечи, дели, преправа, и така функционира од кога знам за себе. Едноставно, само се гледа да се нивелира. Напишаните културни стратегии или се утнати или не се применуваат, затоа што на крајот се се сведува на тој КОЈ ќе добие средства, а не ШТО ќе се сработи.

Ако Комисиите одлучуваат тогаш нивниот збор МОРА да е последен, а не потоа некој да пишува, потпишува, крати или додава отпосле. Истите треба да бидат студиозни, темелни, но и добро платени, а за злоупотреба и да одговараат.

Мора да се одреди јасна стратегија што се поддржува и зошто!? Која е целта на поддршката. Што државата очекува од истата. Дали форсираме заштита, меѓународна соработка, конференции, млади автори, дали сакаме да донесеме странци, сакаме рок, џез, алтернатива, можеби турбо фолк??? … ќе заштитува македонски јазик, форсираме албански јазик, преведуваме на странски јазици …што? Ова нашево е како да градиме куќа, а не знаеме што сакаме да добиеме. Сме ставиле плоча, ама не знаеме дали ни треба подрум или гаража. Ставаме тенки столбови, а планираме на три спрата да е куќата! Не сме решиле дали ќе има тераса, ниту каде ќе бидат санитарните јазли… Е НЕ МОЖЕ ТАКА, „ДРУГОВИ“!

Една моја познаничка од Министерството, ден пред да излезе програмата, ми рече: Тоа е, ние делевме на тие кои мислевме дека треба, они ќе делат на нивните, сега се на власт, и тоа е! Токму во тоа е проблемот! Таа РЕАЛНОСТ! Реалноста дека не е прашање на квалитет, стратегија и концепт, туку на влијание и подобност. Културата под итно мора да се реформира, реконципира, реосмисли, за да тргне во правец каде институциите од буџетот, преку Годишната програма за култура ќе продуцираат трајни вредности и направат барем делумен поврат на средствата.

А за уметниците, актерите, менаџерите и свекупните културни работници… голем поздрав. Ви го сменија името на државата, осакатија историјата, распукаа идентитетот, има нездраво загадување, урбана мафија, непочитување на правната држава, наместени тендери и непотизам, и збеснавте кога ви се брцна во тегичето?! Ако, така треба, малку е! За будење од зимскиот сон.

Во цел свет културњаците се авангардата, оние кои ги тераат сите процеси, промените, подобрувањето на севкупниот амбиент за живот, додека кај нас се се сведе на „додека има тезгичка, мирен сум“!

Нека ви е наздравје!

п.с. Треба да се укине формата на вакво финансирање веднаш, секоја година станува се полошо. Половина од оние кои зедоа пари не престатуваат никаков интерес за државата, само личен за самите себе.

п.п.с. Директорите на установи кои на цел глас плачат дека немало проекти: имате платени режиски трошоци и комплет плати од државата. Сработете нешто сами. Заработете и свртете ги парите. Се водите како менаџери. Редно е нешто да изменаџирате. Да троши, знае секој.

Александар Ристевски

You May Also Like