„Боженствениот звук на Малер“ во Македонската Филхармонија

Концерт насловен „Боженствениот звук на Малер“ ќе се одржи овој четврток во 19 часот во Филхармонија. Оркестарот на Филхармонија под диригентската палка на маестро Габриел Бебешелеа, овој четврток ќе ја изведе Четвртата симфонија, ремек дело на австрискиот композитор Густав Малер. Како солистка ќе настапи сопранистката Милена Арсовска.

Симфонија е во аранжман на Иан Фарингтон кој ја адаптира за изведба со помал оркестарски состав. Три години по завршувањето на неговата последна симфонија, Густав Малер започнува да работи на своето следно обемно дело. Релативно брзо, за само десетина дена, успева да направи скици, но решава да не продолжи понатаму. По краток период, повторно се навраќа на компонирањето и за само неколку месеци успева да го заврши најсофистицираното и најнеобичното дело кое го напишал дотогаш – Симфонија бр. 4. Постојат повеќе аранжмани на оваа симфонија. Еден од нив е и аранжманот на Иан Фарингтон, пишуван за ансамбл составен од 15 изведувачи. Задржувајќи го карактерот на оригиналното дело и третирајќи го секој изведувач како солист, Фарингтон успева да ги открие и оние помалку скриени аспекти на Симфонија бр. 4, кои слушателот тешко може да ги забележи при изведбата на оригиналното дело.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршува и посетува мастер-часови кај познатите Клаудија Виска, Дорин Дефеис, Џејмс Хупер и Јоан Холендер. Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и на втора награда на натпреварот „Достал оперета“ во Виена, а е финалист на престижниот натпревар за млади пејачи „Лејла Генчер“. Како пејачка, Арсовска дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Виенското деби, пак, во Театарот во Виена доаѓа во 2010 година со настап во оперетата „Лилјакот“, а понатаму настапува во театрите во Магдебург и во Прага, како и на повеќе фестивали. Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“ и Церлина во „Дон Џовани“. Минатата сезона, Милена Арсовска настапи во главната улога во операта „Славеј“ од Стравински во Националната опера во Прага, а концертните турнеи ја водат низ Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и САД. Моментно е дел од продукцијата „Свадбата на фигаро“ во престижната опера во Вајмар. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Македоската Филхармонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на првата награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг симфонискиот оркестар (2016). Во 2011 година ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот Концертгебау оркестар во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

You May Also Like