По успешните изданија на „Брод за кукли“ и „Класен непријател“, Wonderland Theatre овој пат во соработка со Младинскиот културен центар ја најавува својата нова премиера за денес (понеделник, 27.02.2012 година) која ке биде прикажана на сцената во МКЦ со почеток во 21:00 часот.
Се работи за претстава инспирирана од текстот Push up 1-3 на многу популарниот германски современ автор Roland Schimmelpfennig. Режијата и адаптацијата се на Нела Витошевиќ (добитник на наградата за најдобра македонска независна претстава на минатогодишниот МОТ), а улогите ги играат – Драгана Костадиновска, Јелена Јованова, Сања Арсовска, Сашко Коцев, Игор Ангелов, Дениз Абдула, Соња Стамболџиоска и Ненад Митевски.
Претставата зборува за проблемот на осаменоста и апсурдноста на „најуспешните“ луѓе од корпоративниот свет, на кои кариерата и успехот им се пред се. Дејствието на претставата се одвива во главното седиште на една голема меѓународна корпорација во пораст, каде низ призма на три различни ситуации следиме приказна во која доминира борбата за моќ и успех, а во која често пати се замешани и сексуалните игри стимулирани од секојдневниот притисок.
Секоја ситуација е водена од двајца луѓе кои безмилосно се натпреваруваат за свои бизнис и приватни интереси. Водени од принципот за опстанок на посилниот, тие се бескрупулозни во битката кон врвот, притоа не приметувајќи дека ги довеле своите сопствени животи до бесцелност и безвредност. Иако имаат исти или слични судбини тие постојано се разидуваат поради инстинктот да се истуркаат до самиот врв на хиерархиската пирамида. Водени од компулсивната амбиција за успех во кариерата, секој од нив останува да тоне сам во својот очај.
Со оваа претстава продолжува тенденцијата на Wonderland Theatre, да обработува современи теми и да ги следи светските театарски трендови.
Претставата е направена без никаков буџет меѓутоа е сработена со огромен ентузијазам и желба за етаблирање на модерните театарски вредности. Во тој контекст, следејќи ја својата традиција на градење повисок степен на квалитетен професионализам , во Wonderland Theatre повторно ќе може да се видат сите глумци кои во моментов се во најголем подем и се во ек на нивната кариера и популарност.