Утре вечер (понеделник, 27 февруари 2012 година) маестро Симон Трпчески со рецитал се враќа во престижниот „Карнеги Хол“ во Њујорк (САД).
Најновата турнеја низ Соединетите американски држави, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески утревечер (понеделник, 27 февруари) ќе ја заокружи со самостоен рецитал во њујоршкиот Карнеги Хол. Трпчески се враќа на една од најпрестижните светски концертни сцени на која во ноември 2010 одушеви како солист на Балтиморскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Марин Олсоп.
Во пресрет на настапот во Њујорк, нашиот пијанист беше дел од една многу важна јубилејна сезона на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, каде што под диригентската палка на Едо де Ваарт од Холандија, доби блескави оценки од американската критика за изведбата на Концертот број 4 за пијано и оркестар од Рахманинов.
По четирите вечери во Сан Франциско, Трпчески во саботата за прв пат настапи во Мајами со рециталната програма што утревечер (понеделник) ќе ја изведе во Карнеги Хол.
„Се разбира дека е сон на секој музичар да биде претставен од промотор каков што е Карнеги Хол и да настапи тука. Овој пат ќе свирам во салата Занкел. Имам прекрасни спомени од дебито во Карнеги Хол пред година и пол и некако поканата да настапам со рецитал овде ми дојде природно. Што се однесува до програмата, таа е прилично амбициозна и опфаќа различни периоди од творештвото на Лист и Шуберт. Одбрав концепт што ќе ми овозможи да се испробам и самиот себеси и да видам до каде можам да одам во привлекувањето на вниманието на публиката што ќе присуствува на концертот. Според искуството од досегашните настапи ваквиот концепт се покажа успешен и се надевам дека и публиката вечер во Карнеги Хол ќе реагира позитивно“ – изјави пред настапот Симон Трпчески за Македонското радио.