“WO-MAN” изложба на Христина Зафировска

Проектот со наслов “WO-MAN” на Христина Зафировска нуди една лична критика на се’ повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата.

wo_man_izlozba_hristina_zafirovska
Во организација на Културно информативниот центар (КИЦ) од Скопје, на 04.11.2014 година (вторник) во 20:00 часот, во Изложбениот салон – Империјал 2  ќе се отвори изложбата “WO-MAN” на академската уметница Христина Зафировска.

Авторката има дипломирано на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на смер сликарство со графички дизајн. Моментално е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. Работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото.

Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата.  Дел е од многубројни фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, во Европа и пошироко;

Проектот со наслов “WO-MAN” на Христина Зафировска нуди една лична критика на сѐ повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата. Револтот на авторката произлегува од медиумските претстави за предвидената квазифункција на жената во општеството кои вршат еден вид секојдневна инфотортура и свесно наметнуваат норми за изглед и однесување. Наспроти сите декларативно добиени законски права што ги изедначуваат жените и мажите, сѐ понаметнато се случува манипулативно изместување на претставите за цивилизациските достигнувања, вредности, карактеристики што се позитивен пример на полова/родова еднаквост и  за жал, во современите рекламни кампањи (базирани врз телесната појавност), речиси без исклучок, функцијата на жената се дефинира како синоним за репродукција и сексуалност вели кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.
Изложбата ќе биде отворена до 15 ноември.

You May Also Like