Меѓународната награда „Златен прстен“ денес (среда, 29.02.2012 година) ќе му биде доделена на писателот Веле Смилевски во Културниот центар „Феникс“.
Наградата ќе му биде доделена за значаен книжевен опус, а Смилевски ја добива за неговите најнови поетски книги и критичко-есеистички дела. Одлуката ја донесе жири во состав: Маја Јакимовска-Тошиќ, Христо Петрески и Трајче Кацаров.
– Наградата му се доделува на писателот Веле Смилевски за неговиот мошне специфичен, оригинален и впечатлив поетски исказ, но и за студиозните, продлабочени и сеопфатни остварувања со литературни критики и есеи. Смилевски е трпелив и истраен автор, кој зазема посебно место во македонската литература, испишувајќи значајни авторски страници, но и публикувајќи аналитички истражувања за македонската литература, се објаснува во образложението на жирито.
Врачувањето на наградата е во рамки на Фестивалот на чајот и читањето. За најновата стихозбирка на Смилевски „Забранета книга“ ќе говори Христо Петрески. Со оваа интернационална книжевна награда досега се закитиле Милан Ѓурчинов, Петре Бакевски, Светлана Христова-Јоциќ, Васил Тоциновски, Ферид Мухиќ, Момо Капор, Владислав Бајац, Ева Рас, Радомир Андриќ, Фиона Самсон и Петар Опачиќ.