Co изложбата „Традиционални костими и накит од Македонија“ на Музејот на Македонија, синоќа (четврток, 25 април) во фламанското Министерство за надворешни работи во Брисел свечено беше отворена манифестацијата „Денови на македонската култура“, во организација на Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија во Белгија.
На отворањето на изложбата на традиционални народни носии и накит од различни краеви на земјава, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска нагласи дека презентацијата на македонската култура во Белгија и оваа изложба се од големо значење за нашата држава, Република Македонија, бидејќи Брисел е срцето на цивилизациска Европа, а традиционалните носии и накитот се обележја на една нација и на нејзината култура.
–Во оваа смисла, вредните артефакти пред вас се, несомнено, можност повеќе да ги збогатите своите сознанија за духовното и материјалното наследство на македонската земја – истакна Канческа-Милевска и им се заблагодари на домаќините за големата поддршка во реализацијата на Деновите на македонската култура во Брисел.
–Република Македонија и Белгија негуваат искрени и пријателски врски кои, верувам, преку оваа манифестација, ќе се продлабочат и унапредат. Благодарност и до Амбасадата на РМ во Брисел, особено до амбасадорот Еленовски, г. Илјази и до целиот тим за ангажманот во реализацијата на оваа значајна манифестација и на сите оние што го вложија својот труд во македонското културно претставување во Брисел – рече Канческа-Милевска.
На изложбата се обрати и генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Фландрија, Коен Верлект, кој го истакна своето задоволство што во Брисел се презентира значаен сегмент од богатото културно наследство на Република Македонија.
Во Центарот за култура во општината Етеберг вечерва духовното богатство на македонската фолклорна ризница ќе го презентира музичкиот етносостав „Синтезис“, а утре, на затворањето на манифестацијата „Денови на македонската култура“, вљубениците во седмата уметност ќе имаат можност да ги проследат македонските играни филмови: „Пред дождот“ на светски познатиот режисер Милчо Манчевски, кој се закити со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал, и „Илузија“ на режисерот Светозар Ристовски, прогласен за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал „Анкориџ“.
Министерката за култура во текот на вчерашниот ден оствари и билатерална средба со генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Фландрија, Коен Верлект, кој истакна дека културата е мошне значаен инструмент во воспоставувањето поинтензивни врски меѓу двете држави. Канческа-Милевска на средбата го изрази своето задоволство од поддршката што Белгија и ја дава на Република Македонија на полето на евроатлантските интеграции. Предвидено е Канческа-Милевска денеска да се сретне и со министерката за култура на Фландрија, Жок Шувлиеж, како и со градоначалникот на Брисел, Фреди Тјелеманс и со генералниот администратор на „Валонија Брисел интернационал“, Филип Свинен.