People to People International што функционира како дел од невладината организација Креактив утре (сабота, 27 април 2013) од 10:00 до 13:00 организира настан Ден на Кариера што ќе се одржи во ЕУ Инфо Центарот.
На настанот ќе присуствуваат луѓе од 11 различни професии со коишто ќе може лично да позборувате за нивните лични искуства и што точно ги мотивирало за да нурнат во длабочините на токму таа професија. На средношколците ќе им биде овозможено да зборуваат лице во лице со : логопед, фармацевт, сликар, економист, професор, програмер, инженер, социјален работник, информатичар и преведувач . Сите овие луѓе во текот на 3 часовниот настан ќе бидат расположени за разговори околу нивната професија. На настанот ќе се презентираат и следните факултети : Земјоделски факултет, Машински факултет, Факултет за информатички науки и компјутерско инжинерство ( ФИНКИ) , Градежен факултет, Технолошко- Металуршки факултет (ТМФ) , Висока школа за новинарство и односи со јавност и Универзитет Американ Колеџ Скопје
Во склоп на овој настан ќе биде презентирано и средношколското здружение што функционира како дел од невладината организација Креактив. На настанот ќе има и отворени апликациони форми за зачленување и станување дел од интернационалното семејство на People to People International.
Студентите исто така ќе може да се информираат за активностите на Централен Волонтерски Комитет. Апликациски форми за членство ќе има и за ова волонтерско тело. Волонтерите од Франција и Португалија ќе го презентираат Европскиот Волонтерски Сервис за праќање на млади луѓе за волонтирање во странство со целосоно покриени трошоци од Европската Комисија. Презентирање на програмите за стипендии на странските универзитети ќе има и Маја Петрушева од Образовен Информативен Центар Скопје.
Настанот се одржува во рамки на светската акција Global Youth Service Day.