Наградата „Прозни мајстори“ во рацете на Алаѓозовски, Крајчев и Тоциновски

Издавачката куќа „Феникс“ со утрешното доделување на наградите, ќе ја почне манифестацијата „Фестивал на чајот и читањето“ која ќе трае до 3 март.


Роберт Алаѓозовски за романот „Готен“, Игор Крајчев за романот „Воини и херои“ и Васил Тоциновски за книгата раскази „Сушачко попладне“, се добитници на наградата „Прозни мајстори“ на „Феникс“ и фондацијата „Македонија презент“.

Одлуката ја донесе жирито во состав: Христо Петрески (претседател), Панде Манојлов и Виктор Шеќеровски. Наградите на добитниците ќе им бидат врачени утре во аутлет-книжарницата на „Феникс“. Со доделување на наградите „Феникс“ ќе ја почне манифестацијата „Фестивал на чајот и читањето“ која ќе трае до 3 март.

Роберт Алаѓозовски во романот „Готен“ го проследува усното предание за доаѓањето на Сасите во Македонија, од нивното доселување на Балканот во 13 век, привилегиите, но и напорната рударска работа што ја вршеле под средновековните владетели.

Во „Воини и херои” од Игор Крајчев, издание на „Панили”, станува збор за целосно измислена земја, со животни, езера, народ, јазик,  енциклопедиски измислена земја која се вика Креидон. Романот е псевдосказна, а сказната е подготовка (иницијација) за животот. Животот  е пак борба со злото. Кој ќе падне, ќе стане ѕвезда на небото над Креидон

Збирката раскази „Сушачко попладне” на Тоциновски е издание на „Феникс”. Напишана е во Риека и, како што информира издавачот, создадена е во специфичниот далматински и медитерански амбиент и ги поседува и донесува карактеристиките на тоа поднебје. Збирката раскази „Сушачко попладне“, прво е објавена на хрватски јазик.

Досегашни добитници на наградата „Прозни мајстори” се: Ермис Лафазановски, Игор Исаковски, Горјан Петревски, Ким Мехмети, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Трајче Кацаров и Блаже Миневски.

You May Also Like