Kонцерт на Amplidyne Effect во Менада

Утре (28 март, четврток) во клубот Менада, по повод една година од своето постоење post global recordings го претставува македонскиот музичар Amplidyne Effect со својот жив настап Sound of Architecture, инспириран и посветен на Philip Glass и филмот Koyaanisqatsi.

Звукот на овој артист претставува фузија на амбиент, пост рок и експериментална електроника; амалгам на долги гитарски делници и длабоки амбиентални пасажи на моменти вознемирени со неочекуван ритам. Како гости на овој настап ќе се приклучат и Марко Куцуловски на виолина и Тони Димитров на електроника.

Пред почетокот на концертот ќе биде промовиран и првиот видео запис за издание на етикетата post global recordings направен за траката Nature02 од албумот Nature (post002) на дуото Додовски/Димитров, а воедно ќе биде промовиран и новиот албум From Nothingness (post005) потпишан од Шведскиот амбиентален артист Purl.

Вечерта ќе продолжи со DJ сет на Тони Димитров.

_________________________

Amplidyne Effect е мултимедијален проект на Мартин Георгиевски кој експериментира со гитара, сајзери и ефекти, создавајќи комбинации и споеви кој варираат од амбиент, дрон и експериментална електроника, се до пост-рок и ноиз-рок. Постои од 2009 година и до сега има работено на бројни импровизациски сесии и концерти со артисти од Македонија, Швајцарија, Аргентина, Америка и Англија.

 

You May Also Like