Македонскиот модел за поддршка на филмската дејност претставен во Литванија

Денеска (среда, 27 март 2013 година), директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башески во литванскиот парламент го презентира македонскиот модел за поддршка и развој на филмската дејност. Целта на оваа дебата и презентацијата е помош за Литванија да структуира свој систем за поддршка и стабилна филмска продукција.

На дебатата се поканети повеќе значајни личности од европскиот филм и европските фондови меѓу кои и: Simon Perry (поранешен директор на British Screen и Irish Film Board), Tudor Giurgiu (режисер и поранешен директор на националната телевизија од Романија), Fabio Canepa (Genova Liguria Film Commission), Maria Łętowska (Polish Film Institute)  и други.

Во Литванија пред неколку месеци е оформен Филмскиот центар кој преку меѓународната соработка има тенденција брзо да се струкуира и да имплементира позитивни искуства од постоечките филмски фондови и центри.

Во последниве години со континуираната филмска продукција и промоција на македонскиот филм, со учеството на филмовите на меѓународни филмски фестивали, како и со меѓународната соработка со разни европски институции и отворената политика на Филмски фонд за поддршка на меѓународните копродукции, Македонија и Филмскиот фонд на Р.Македонија станаа препознатливи во филмскиот свет по својот модел на поддршка на филмовите кој една мала земја како Македонија ја стави во фокусот на вниманието на европските филмски професионалци.

Македонскиот модел за поддршка во филмската дејност е креиран во последниве 5 години, собирајќи позитивни искуства од преку 20 филмски институции од светот, адаптирајќи ги на потенцијалот на Македонија со тенденцијата за побрз развој и поголема филмска продукција.

You May Also Like