Утре (28 март ,четврток), со почеток во 18:00 часот, во Софија ќе се одржи книжевен портрет посветен на поетското творештво на Јовица Тасевски – Етернијан.
Поезијата на Тасевски ќе ја претстават македонскиот поет и критичар Бранко Цветкоски и бугарскиот поет Петар Караангов. Стиховите ќе ги интерпретира актерот Иван Калошев, во придружба на гитара од Ива Николовска.
На книжевната средба истовремено ќе биде промовирана книгата со избрани песни што излезе од печат под насловот „Синтаксис на светлината“, како заедничко издание на реномираната издавачка куќа „Бугарски писател“ од Софија и „Макавеј“ од Скопје. Препевот на поезијата на бугарски јазик го направи еминентниот бугарски поет Петар Караангов, на кого во Македонија му беа доделени наградите „Книжевен жезол“ и „Почесно Рациново признание“.
Организатори на настанот се Културно-информативниот центар на Република Македонија во Бугарија и Издавачката куќа „Макавеј“ од Скопје.