Новото остварување на култниот режисер Вес Андерсон со фантастична актерска екипа, од денеска (6 март) се прикажува и во македонските кина.
Со раскошна сценографија и проверена актерска екипа новата комедија на Вес Андерсон „Гранд Хотел Будимпешта“ на голема радост на домашната публика пристигнува и кај нас. Филмот кој е во дистрибуција на МЦФ МКД веќе од 6 март ќе биде на редовен репертоар во нашите кина.
Филмот „Гранд Хотел Будимпешта“ е реконструкција на авантурите на Густав Х., легендарниот консиерж на далеку прочуениот европски хотел помеѓу две војни, и портирот Мустафа, момче кое станува негов најверен другар. Филмот ја прикажува кражбата и враќањето на една слика од ренесансата со непроценлива вредност, како и борбата за огромното семејно наследство во време на драматични промени во Европа.
По зборовите на режисерот Вес Андерсон, приказната се фокусира на односот меѓу две личности, искусниот консиерж (Ралф Фајнс) и хотелскиот потрчко (Тони Револори): „Како и многу поранешни замисли, имав две идеи кои ги споив. Едната беше лик кој го игра Ралф, а другата се однесува не „Евро приказна“ сместена во првата половина на 20-иот век за која ме инспирираа книгите на австрискиот писател Штефан Цвајг “. Најголемиот дел од дејствието на филмот се одвива во 1932 година, но како што вели Андерсон: „Тоа е измислена земја, со измислена војна, која всушност претставува спојување на двете Светски војни“.
Ралф Фајнс ја игра улогата на Густав Х. промискуитетен настојник, кој и’ го „украл“ срцето на старата богаташка Мадам Д. (Тилда Свинтон). Меѓутоа, Мадам Д. ненадејно починува, а тестаментот кој е пронајден, открива дека на Густав му остава непроценливо богатство. Приказната се комплицира поради тоа што синот на починатата богаташка под ниеден услов не сака да се откаже од сликата, затоа Густав се одлучува да ја украде. Во таа цел му помага потрчкото Зиро Мустафа, за кој се испоставува дека му е најверен пријател.
Покрај Фајнс и Бредли, во филмот се појавуваат уште 15 познати имиња (Едвард Нортон, Бил Мареј, Овен Вилсон, Сирша Ронан, Џеф Голдблум, Џуди Ло, Вилем Дафо, Харви Кајлте, Ф. Мари Ејбрахам…), што „Гранд Хотел Будимпешта“ го прави филм со „најѕвездената“ актерска постава во историјата на Холивуд
