„Средба со несвесното“ е насловoт на првата самостојна изложба на Ана Цветкоска Панова. Во Музејот на град Скопje, почнувајќи од вечерва (вторник, 15 мај) во 19:00 часот, ќе бидат изложени вкупно 40 графички дела во дигитален принт, создадени во изминативе пет години, преку кои таа „ја материјализира визуелната слика на нејзиното несвесно“.
„Во текот на изминатите 17 години, период посветен на интензивно творечко истражување и самоистражување, се подлабоко навлегував во определени слоеви на својата свест и потсвест. Во тие длабочини на потсвеста во која отпрвин плашливо, а потоа се похрабро потонував, се повеќе се откривав која сум, што сум, и за првпат вистински се огледував во огледалото на душата. Така започна моето авантуристичко бегство од реалноста, од разумноста, од рамките и границите…“
Ова ќе го запише во резимето за својата прва изложба „Средба со несвесното“ – М-р Ана Цветкоска Панова.
_____________________________________________
Родена 1969 година во Скопје, Ана Цветкоска Панова дипломирала на ФЛУ во класата на професор Зоран Јакимовски, под чие менторство во 2011 ги завршила и постдипломските студии во областа на графиката.
Учествувала на повеќе групни поставки од кои за издвојување е изложбата Транс-форм во Истанбул од пред три години, добитник е на неколку награди и признанија („Жена на годината“ за едукација според Американскиот биографски институт во 2002 година) и автор и ко-автор на повеќе учебници и прирачници за ликовно образование на најмладите и призната илустраторка на публикации за деца.
Истражувајќи зошто кругот е првата форма што ја црта било кое дете од земјината топка навлегла во праокеанот на човештвото и стигнала до констатацијата дека тоа е првиот цртеж на најстарите луѓе кога станале свесни и дека тој се пренесува генерациски преку колективното несвесно.