Видео записот на песната „Доста“ ексклузивно и официјално ќе биде промовиран на мрежата на МТВ Адриа (MTV Adria), на официјалниот интернет портал www.mtv.rs во четврток, 17-ти мај точно на пладне, а веднаш потоа како предлог на топ листата Домачица.
Роберт Матовски, Гоце Симоноски, Игор Мариниќ и Јосип Сензел заедно со Горила Продукција, а под режисерската палка на Владимир Ивановски – Дади и Нена Зафировска , преку видео запис сакаа да доловат едно гледиште на тоа каков е животот на младо момче кое расте на овие простори каде секој ден, наместо да се занимава со детските игри, расте под притисокот на медиумските објави, вести и манипулации, неможејќи да ужива во благодетите на детството и младоста.
„Се сеќавам дека уште додека бевме деца, нашите родители по цел ден гледаа вести, нервозно разговараа и се расправаа со телевизорот. Помина време, а ние станавме копија на нашите родители – гледајќи по цел ден вести, плашејќи се од глобалното затоплување, плашејќи се од криминалците и насилниците, плашејќи се за нашата иднина. Епа сега велиме дека е Доста – доста ни е од се. Мораме да размислуваме позитивно и да ги поправиме грешките, да создадеме еден подобар свет.“ – ја објаснува тематиката и инспирацијата за песната и спотот, фронтменот на бендот – Роберт Матовски.
Минатата година – Хај контрол (High Control) на музичката мрежа МТВ Адриа и го дадоа за слободно симнување нивниот втор по ред албум „Report“, со што и официјално започна соработката со оваа куќа.