Филмот „Измет врз бедата“ на авторот Вијај С. Јода, со одлука на Меѓународното стручно жири ја доби Златна потковица за најдобар филм на 10-от јубилеен фестивал „Астерфест 2014“ што се одржа во Струмица …
На церемонијата синоќа во Центарот за култура „Антон Панов“, втората награда и Сребрена потковица на Фестивалот ја доби Бернард Дичек за краткиот филм „Калуш што мислев дека го познавам“,а документарниот фим „Небо“ на Дино Касало од Босна и Херцеговина ја доби третата награда и Бронзена потковица. Интернационалното жири во состав: Биргит Стаубер, Желимир Гвардиола и Стефан Шашков, додели Специјална диплома за документарец на авторот Ингрид Камерли за филмот „Звуци за Мазин“, а за Најдобар игран филм го прогласи данскиот крток филм „Хелиум“ од Андрес Валтер.
Наградата Старозлатен проектор, годинава ја доби полскиот краток филм „Бирди“ од Ева Коханска. За најдобар автор на годинашниов „Астерфест“ е прогласен Сенад Абдули,кој со филмот „Добро време да се умре“ ја доби наградата „Ацо Алексов“,а наградата „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио го доби филмот „Амел“ во режија на Море Раца од Косово.
Во категоријата анимирани филмови, за најдобар е прогласен „Господин Хублот“ од Лорент Витз, а Специјална диплома, Жирито му додели на францускиот краток филм „Литературни мистификации-како се создава најдобар автор гуру“ од Јорис Клерте. Во програмата „Мувилент“ годинава беа прикажани филмови од австриската кинематографија, а Жири комисијата за најдобри ги прогласи филмовите „Нечуен“ на режисерот Зигмунд Скалар и „Прв поглед“ на режисерката Јулијана Нојхубер.
Како што изјави директорот на „Астерфест“, Горан Тренчовски, јубилејното 10-то издание помина во знакот на мотото „Старо и ново“ и во целост е задоволен од понудената програма во која имаше и оскаровци и дебитанти.
– Задоволни сме од селекцијата и прикажаното, како и од одѕивот на публиката, посебно на младите, кои во изминатите денови видоа пресек на она што се случува во светската кусометражна филмска продукција. Задоволни сме од реализираното и со нови идеи влегуваме во втората декада од постоењето на овој фестивал, кој стана дел од културното живеење не само во Струмица, туку и пошироко, рече Тренчовски.
„Астерфест 2014“ завршува денеска со проекција на наградените филмови, а од „Тивериополската филмска алијанса“ најавуваат репризна проекција на целокупната програма во текот на август.