„Не се клади на Енглези“ утревечер премиерно во МНТ

Утревечер, премиерно на малата сцена на МНТ ќе биде изведената претставата „Не се клади на Енглези“ во режија на Синиша Евтимов …

ne_se_kladi_na_englezi

На малата сцена во Македонскиот народен театар утревечер премиерно ќе биде изведената претставата „Не се клади на Енглези“ во режија на Синиша Евтимов. Проектот е инициран од тројцата актери кои играат во претставата, Паун-Сашко Коцев, Пикси-Оливер Митковски и Буле-Александар Микиќ.

Сашко Коцев на денешната прес-конференција рече дека проектот го почнале во 2010 година, со истата актерска екипа, но поради обврски го одложиле за септември 2013 година.

– Текстот е многу примамлив. Хит е во Белград и Загреб и веќе шест-седум години се игра. Дејството се случува во едно маало, со препознатливи ликови и ситуации. Еден многу важен феномен кај нас е обложувањето, рече Коцев и додаде дека текстот е напишан во сленг.

Микиќ истакна дека насловот е цитат од човек кој се споменува 20 или 30 пати во претставата, со специфичен говор и затоа е изведен насловот.

Според Митковски, темата на претставата е карактеристична за постранзициските држави во регионот каде, како што рече, игрите на среќа заземаат доминантно место во животите на голем дел од луѓето и претставуваат единствена надеж за заработка и за подобар живот.

– Ова е актерска претстава. Се работи за еден текст кој до максимум може да ги доведе актерските можности. Трите фантастични ролји се работени низ документарна призма, потенцира режисерот Евтимов. Додаде дека претставата е и за пријателството, за нарушените односи во цивилизацијата, во човештвото.

Автор на текстот е на Владимир Ѓурѓевиќ, а преводот е на Александар Микиќ. Сценографијата ја изработи компанијата „Home by almak“ од Струмица, заедно со сценографот Илина Ангеловска. Костимограф е Ана Данчевска, Продуцент е Виктор Рубен. Проектот е поддржан од МНТ и од компанијата „Тинекс“.

You May Also Like