„Блесок“ неодамна го објави романот на американската писателка Магдалена Бол „Спиј пред вечерта“, во превод од англиски на Елизабета Баковска.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.
За книгата:
Спиј пред вечерта сигурно е повеќе од роман. Тоа е искрен коментар за семејните и општествени елементи кои го кинат нежното ткиво на невиноста од животите на младите. Мериен пред читателите е вистинска приказна за осаменоста, а нејзиното преживување зависи од воспоставувањето човечки врски. Сепак, нејзиниот неуспех да најде таква врска во преполниот град бидејќи луѓето несигурно и грозничаво трагаат по кариера, слава и пари, е трагедија над која вреди да се замислиме. Дали таа ќе излезе од овие бурни води или не е друго прашање; потребата да ја разбереме, да ја побараме во нашите домови и животи, и да ѝ помогнеме да излезе од своите маки е клучно за нашето сопствено преживување како луѓе на оваа планета.
Ернест Демпси
За авторката:
Магдалена Бол е родена и израснала во Њујорк. Откако дипломирала англиска книжевност во Њујорк, посетувала постдипломски студии на Оксфорд. Се преселила во Австралија, каде што живее и сега, на село, со сопругот и трите деца. Во Австралија магистрирала бизнис и маркетинг; денес ја уредува интернет страницата The Compulsive Reader. Нејзините раскази, осврти, поезија, критика и написи се објавени во многу печатени антологии и списанија, и имаат освоено домашни и меѓународни награди за поезија и проза, вклучувајќи и влез во потесната конкуренција за најпрестижниот поетски натпревар на Австралија, The Newcastle Prize. Расказите, есеите и освртите на Бол се објавени во антологии како The Audience Review, The Writer’s Handbook, Thylazine, The Harpweaver, The Pedestal Magazine, In Our Own Words, Imago, Cordite, Astropoetica, и многу други.
Нејзиниот дебитантски роман, Спиј пред вечерта (Sleep before Evening, BeWrite Books, 2007), бил едногласно пофален од критиката и финалист во категоријата за регионална проза за наградите Next Generation Indie за 2008 година. Нејзината збирка поезија Кваркова супа (Quark Soup, Picaro Press, 2006), ја освоила „Нобеловата“ награда за книги што имаат исклучителни писателски вештини и ги истражуваат човечките состојби за 2006 година. Нејзината книга Уметноста на вреднувањето (The Art of Assessment, Mountain Mist Productions, 2004), станала стандарден учебник за потенцијалните книжевни критичари.