Кромидфест по втор пат

Радио МОФ по втор пат организира натпревар за пара-вести и ги повикува младите да придонесат кон сатирата во медиумското онлајн општество.

kromid fest 2-01

Темата на овогодинешниот #кромидфест гласи:

Туѓината пуста нека остане,
младината реши тука да остаре!

Право на учество имаат сите заинтересирани млади преку вести во видео, аудио, фото или текстуален формат или преку комбинација од различни формати. Бројот на предлози кој може да ги испрати секој учесник е неограничен.

За учество на #кромидфест, потребно е да се креира сатирична (пара/кромид) вест на теми како големиот процент на млади луѓе кои сакаат да ја напуштат земјата, секојдневниот одлив на мозоци кој се случува во македонското општество, животниот стандард и можностите за образование и вработување кои младите ги имаат во земјава и во странство, како и локални, национални и меѓународни политики и случувања кои се однесуваат на младите.

Конкурсот е отворен од 29-ти мај и трае до 9-ти јуни 2014 година заклучно со полноќ. Сите идејни решенија ќе бидат објавени на www.radiomof.mk.

Победникот ќе биде избран преку гласање на www.radiomof.mk, како и преку бодување од страна на комисија составена од по еден претставник од Радио МОФ и порталот Коза Ностра. Најдобрата вест ќе биде наградена со таблет Google Nexus 7 II.

You May Also Like